Политичарите до 8 мај ветуваат светла иднина за Македонија

До 6 мај македонскиот народ ќе ги слуша ветувањата дека Македонија ја чека светла иднина, а после тоа, ќе видиме колкава ќе биде реализацијата на политичките ветувања и колку тешките предизвици на Македонецот ќе се намалат.
Автор: Бјанка Станковиќ, Љубица Иванова, Ангела Петровска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака
Избори 2024

„Нашиот Претседател кој ќе настапи храбро за Македонија, ќе ја направи Македонија повторно горда. Ќе работи искусно, искрено, посветено и ќе го даде својот максимум, а со тоа ќе го врати достоинството на нацијата, бидејќи промената е важна, за еден европски Претседател,“ вака целокупно звучат слоганите на седумината претседателски кандидати на годинешните избори.

Седми пат од осамостојувањето на државата ќе се бира Претседател на Македонија. За шеф на државата се бира помеѓу седум кандидати со различни етнички и партиски позадини.

„Имаме избори, а нема избор“ вели млада студентка од Скопје, разочарана од кандидатите за Претседател на државата, што ќе бидат понудени на изборното ливче на 24-ми април во првиот изборен претседателски круг.

Вториот круг на претседателски избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Се борат за претседателско место преку црни кампањи

„Дисквалификации врз основа на нечија возраст, ментален капацитет, да речам и слично, веќе почна да провејуваат по медиумите и по говорите на претседателските кандидати, што делумно беше за очекување и за жал, го сруши почетниот впечаток на коректност којшто постоеше,“ вака Марко Трошановски од Истражување на јавно мислење, политичка култура, медиуми, политички комуникации. (И ја оценува кампањата на овогодинешните претседателски кандидати.

Според Трошановски, кај нас коректно започнала кампањата, но изминативе денови, почнува да се тера по старата пракса.

„Историјата на црна кампања кај нас е долга, не само кај нас тоа се дел од сите изборни кампањи, бидејќи со вжештувањето на битката и приближувањето на гласање, секоја партија и е тешко да одолее на искушението да мобилизира гласачи, бидејќи основа на вакви, да речам, нефер-комуникациски пракси,“ вели Марко Трошановски.

Шестмина од седумтемина кандидати преку Етичкиот кодекс за однесување во кампањата се обврзаа дека „нема да користат говор на омраза и нема да вршат никаква дискриминација и омаловажување врз основа на пол преку своето делување и со своите активности ќе учествуваат во зацврстување на фундаменталните вредности на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем“.

Единствено кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски не го потпиша бидејќи веќе се чувствувал дискриминиран, но рече ќе го почитува.

Марко Трошановски од Истражување на јавно мислење, политичка култура, медиуми, политички комуникации истакнува дека за жал, црната кампања, теоријата и истражувањата покажуваат дека е на штета на тој што ја прави многу повеќе, отколку на оној кон кого е насочена.

„За разлика од негативната кампања, каде што врз основа на аргументи и докази се деквалификува претседателски одреден кандидат, којашто функционира обратно, црната кампања оди на штета на оној којшто ја практикува и мислам дека ќе ја намали мотивацијата, поддршката на гласачите за партиите што ја практикуваат, барем кај оние гласачи коишто се двоумат за кого би го дале гласот, бидејќи тие бараат конкретни решенија, предлози, идеи, а не црни дисквалификации, врз основа на нерелевантни основи, како што се раса, полуетничка припадност, когнитивен капацитет нечиј, карактерни навреди и слично,“ посочи претседателот на Истражување на јавно мислење, политичка култура, медиуми, политички комуникации, Марко Трошановски.

Македонија – најзастапен збор во слоганите на кандидатите за Претседател низ годините

Според Марко Трошановски, слоганите, односно пораките во кампањите може да се поделат генерално на две групи.

„Оние коишто најчесто произлегуваат од опозициските, од кандидатите кои претендираат на престолот и оние коишто се поддржани од опозициски партии, а имаат за цел да претстават ситуација каде што граѓаните се навредени, понижени, изгубени од достоинството на државата и слично, со самото тоа проектирајќи се себе си како некакви спасители или алтернатива којашто ќе ја врати таа изгубена гордост, достоинство и така натаму. И од друга страна кандидатите на владеачките партии коишто себе си се промовираат во насока на некоја си иднина, визија за Македонија којашто се базира на нивниот досегашен перформанс и визија и иднина којашто не се заснова на некаква фрустрација, не подразбира некаква фрустрација кај граѓаните, туку подразбира дека тие сакаат иднина растеретена од тоа дека се жртви на сегашноста, иднина во којашто кандидатот се презентира себе како некој којшто ќе ја внесе земјата во Европската Унија како Европски Претседател или пак некој којшто е човек на народот, односно поддржан од сите нас,“ посочи Марко Трошановски од Истражување на јавно мислење, политичка култура, медиуми, политички комуникации.

Кандидатите во трка за Претседател, но и во трка за митинзи

Партиските митинзи чија цел е кандидатите да ги претстават своите програми и планови на средби со граѓаните, создаваат гужва низ градовите, поради која се пренасочува сообраќајот.

Црните кампањи се неизбежни и во предизборните митинзи. Кампањата за претседателски избори влегува во втора седмица, а така се зголемува и јавното присуство на кандидатите. Ги има на телевизија, билборди, митинзи. Редовно се слушаат нивните реклами и на радијата. Едноставно, кандидатите се насекаде. Гордана Силјановска Давкова води со закажани митинзи низ цела Македонија.

„Нас како млади не интересира што се случува го градот. Сакаме да излегуваме, да одиме на културни настани. Кога има некој митинг, буквално целиот град е закочен и не може да стигнеме од едно до друго место. Тоа не ми се допаѓа. Едноставно ти создава нервоза и те фрустрира, ти го отежнува секојдневието,“ додава друга студентка од Скопје.

За првпат две жени во трка за Претседател на државата

Ако досега жените беа во улога на први дами во државата, сега две кандидатки се во трка за да бидат Претседателки на државата. Гордана Силјановска Давкова и Билјана Ванковска како независни кандидатки, но поддржани од ВМРО ДПМНЕ и Левица се на исто изборно поле со нивните петтмина колеги, против кандидати.

Прва жена кандидатка за Претседател од осамостојувањето на Македонија беше Мируше Хоџа, која во 2009-та година не собра гласови за вториот претседателски изборен круг. Десет години подоцна, во 2019 година, Гордана Силјановска Давкова влезе во финалето на претседателските избори со Стево Пендаровски, од кого и изгуби. Годинава, двајцата се во истиот „ринг“ со уште петтмина кандидати.

Но секојпат кога жена ќе се појави на политичкото поле е мета на говор на омраза. Земајќи ги предвид застарените наративи и стереотипи, само се засилуваат сексистичките и шовинистичките напади врз жените.

Интегритетот на жените во јавната сфера е на удар особено кога ќе се „дрзне“ активно да учествува во донесувањето на одлуки, велат од Платформата за родова еднаквост, кои гласно го осудија говорот на омраза во предизборниот период насочен кон жените.

„Непостоење на систем на казнивост, како и релативизацијата на говорот на омраза претставува услов за ширење на нетолеранција и атмосфера на линч. „Критиката“ или осудата кон жените активни во јавниот живот, секогаш е на лична основа, во форма на говор на омраза што најчесто се заснова на коментари со сексуална конотација и родови стереотипи и предрасуди. Особено се на удар жените кои не се плашат да учествуваат во јавниот живот и да го искористат своето демократско право да учествуваат на избори како кандидати без разлика на нивната возраст, етничка или религиска припадност,“ стои во нивната реакција.

Од платформата „Реактор“ потенцираат дека политичките партии во своите предизборни кампањи постојано ветуваат заложби за унапредување на родовата еднаквост во државата, но ретко прават видливи напори за остварување на тие заложби.

„Оттука се чини дека родовата еднаквост се користи од страна на голем дел од партиите како токен за остварување политички „поени“, но не и за суштинска промена кон еднаквост, недискриминација и унапредување на статусот на жените во општеството,“ стои во анализата на Реактор по локалните избори во 2021 година.

Оттаму истакнуваат дека досегашното искуство на жените во политика покажува дека и бројот на жените кандидирани и избрани на локалните избори бил секогаш низок, особено за градоначалнички, кога се случувало да нема воопшто избрани или пак кандидирани жени. Податоците покажуваат дека од 1996 година, кога за првпат се одржале локални избори, па се до 2021 година, биле избрани вкупно 660 градоначалници. Од нив само 18 жени градоначалнички и 642 мажи градоначалници. Пред да се воведат закононските квоти од 40% за застапеност на изборните листи на припадниците од помалку застапениот пол за Советите на општините и Град Скопје, ситуацијата со застапеноста и на кандидатките и избрани за советнички беше слична.

Препораките на Реактор за извршната власт тогаш беа државата да ја разгледа можноста и да предложи финансиски мерки за мотивација или санкција за политичките партии со цел да се зголеми застапеноста на кандидатките, како за градоначалнички така и на сите нивоа во изборните процеси во државата по принцип на 50-50 двојни квоти. Исто така, да се овозможи навремена и изработка без пречки на законите кои имаат потенцијал да ја унапредат родовата еднаквост во државата, како што се во моментот Законот за работни односи, Законот за родова еднаквост и Законот за заштита од вознемирување на работното место. Дополнително, по усвојувањето на ваквите закони, да се овозможи нивна непречена и доследна имплементација.

Кампањата за претседателските избори започна на 4 и ќе трае до 22 април, односно два дена пред нивното одржување на 24 април. За шеф на државата ќе гласаат 1.814.317 гласачи, информираше Државната изборна комисија (ДИК). Изборната кампања за парламентарните избори, што треба да се одржат на 8 мај, ќе биде од 18 април до 6 мај.

До 6 мај македонскиот народ ќе ги слуша ветувањата дека Македонија ја чека светла иднина, а после тоа, ќе видиме колкава ќе биде реализацијата на политичките ветувања и колку тешките предизвици на Македонецот ќе се намалат.

Facebook
Twitter
LinkedIn