Просечна плата: често спомнувана, ретко видена

73 од 100 вработени земале плата под месечниот просек

Анализата на конечните пресметки на распределбата на платите на УЈП за 2025 година покажува дека официјалната просечна плата не ја отсликува заработката на мнозинството вработени.

0%
просечен месечен удел на вработени со плата до просекот
0
месечни евиденции точно на просекот, од вкупно 6,26 милиони
0×
толку минимални плати изнесувала вредноста на највисоката исплата (изјава на ССМ)
Повлечи надолу
Просек наспроти медијана

Просекот е точен. Но точен за кого?

Замисли десет вработени. Девет од нив заработуваат различни износи, но сите се блиску до 24.000 денари.

Едно лице заработува 184.000 денари.

Забележете како просекот, кој се движеше нагоре-надолу во зависност од секоја плата, сепак остануваше релативно стабилен досега. Но со само една висока плата, погледнете колку се нарушува просекот: скок од цели 66,7% во однос на просекот на деветте плати.

Просекот на сите десет плати изнесува точно 40.000 денари и не е блиску ниту до платите на деветте вработени ниту до онаа една висока плата.

Вистината за просечната плата

Просекот не ја покажува платата на мнозинството

Ова не е измислен пример. Од вкупно 6,26 милиони исплатени месечни плати во 2025 година, само 46 биле еднакви на официјалната просечна плата за соодветниот месец.

Ако сите плати ги претставиме со 100 квадрати, овие 46 не би исполниле ниту еден.

И покрај тоа, просечната плата редовно се цитира како показател за животниот стандард. Таа растела од 43.050 до 46.889 денари во текот на годината.

Податоците на УЈП покажуваат дека во секој месец меѓу 71,85% и 73,80% од вработените земале плата пониска од просекот.

Линијата на просекот ги дели: 73 лево, 27 десно.

Распределба на платите

Речиси секој втор заработувал меѓу 24.380 и 36.900 денари

Кога платите ќе се разгледаат по интервали, распределбата станува појасна: 50% од вработените, односно секој втор, земале плата во тој опсег.

Ако се вклучат и оние со плата еднаква или пониска од минималната, 52,9% заработувале до 36.900 денари. Со вклучување и на групата до просекот, уделот достигнува 73,1%.

Само 3,4% земале повеќе од 100.000 денари месечно.

Врвот на платната скала

Една плата колку 817 минимални

Според изјава на ССМ, на едно лице за еден месец му била исплатена нето-плата во висина на 817 минимални плати, односно околу 19,9 милиони денари.

Извор: изјава на претседателот на ССМ, објавена на „Локално“ (10 мај 2026). Податокот не е содржан во табелата на УЈП.

Во мај 2025, на еден вработен со плата над 100.000 денари доаѓале приближно 21 вработен со плата под месечниот просек.

Извор: УЈП, мај 2025 (376.320 под просекот, 17.697 над 100.000 денари).
Поврзана содржина

ССМ бара минимална плата од 500 евра

Во април 2025, ССМ побара минимална плата од најмалку 500 евра и зголемување од 100 евра на сите други плати.

Погледни го видеото (4:29).

Наша пресметка: 500 евра се околу 30.750 денари, односно околу 26% повеќе од сегашната минимална плата од 24.379 денари.

Курсот од 61,5 денари за евро е приближен. Пресметката е на Види Вака, а не на ССМ.
Само 46 исплати

Речиси никој не ја добил просечната плата

Од 6,26 милиони месечни евиденции, само 46 биле точно еднакви на официјалната просечна плата, односно една на секои 136.000 евиденции.

Месечно, нивниот број се движел од 0 до 11, а најмногу имало во август.

Во јануари, март, мај, септември и декември немало ниту една евиденција точно на просекот.

Трошоците за живот

Ниту просечната плата не ја покрива минималната семејна кошница

Во јули 2025, синдикалната минимална кошница за четиричлено семејство изнесувала 65.328 денари, без кирија, според пресметката на ССМ.

Просечната плата покривала само 69,3% од кошницата, при што недостигале 20.052 денари. Минималната покривала само 37,3%, при што недостигале 40.949 денари.

Со кирија за стан од 60 m², кошницата изнесувала 80.703 денари, а просечната плата покривала 56,1% од неа.

Поврзана содржина

Синдикалната кошница

Како ССМ ја пресметува минималната потрошувачка кошница за четиричлено семејство.

Погледни го видеото (5:18).

Движења во 2025 година

Високите плати растат, а уделот под просекот останува непроменет

Бројот на вработени со плата над 100.000 денари пораснал од 16.823 во јануари на 19.996 во декември, што претставува раст од 18,9%.

И покрај тоа, уделот под просекот останал речиси непроменет во текот на целата година. Дури и во декември, 73,72% сè уште заработувале под просекот.

Во сите месеци тој удел бил меѓу 71,85% и 73,80%.

Заклучок

Просекот е точен. Реалноста на мнозинството е поинаква.

Просечната плата не е погрешна бројка. Но не покажува како се распределени платите, ниту колку заработува мнозинството работници.

Поврзана содржина, февруари 2026

Сојузот на синдикатите протестира за повисоки плати

Во февруари 2026, Сојузот на синдикатите започна со блокади на пристапите до Собранието како реакција на одбивањето на пратениците да ги зголемат платите на работниците.

Погледни го видеото (3:42).

Што е потребно

Потребна е и медијална плата

За јавноста да добие поцелосна слика за животниот стандард, институциите треба редовно да ги објавуваат не само просекот, туку и медијалната плата и распределбата по платни групи.

„Просечната плата не лаже. Таа е аритметички точна. Но речиси никој не ја зема. Приближно 73 од 100 вработени земаат плата еднаква или пониска од просекот.“

Провери колку запомни ↓

Квиз

Провери колку запомни

Пет кратки прашања од приказната. Без притисок: по секој одговор ја гледаш точната бројка и нејзиниот извор.

Што податоците не кажуваат

Методологија

Извор
Конечните платени пресметки на Управата за јавни приходи (УЈП) за 2025 година се агрегирани по платни интервали и месеци и не содржат идентификатори на лица. Категориите се меѓусебно исклучиви.
Како е пресметано
Прикажаните удели се заокружен просек од месечните удели во 2025 година. Бројката 46 е збир на месечни евиденции, а не на различни лица. Споредбата со кошницата е за истиот месец (јули 2025).
Надворешни податоци
Највисоката исплата (817 минимални плати) и синдикалната кошница се податоци од ССМ и не се содржани во табелата на УЈП. Просечната плата е од ДЗС. Износот од 500 евра во денари (околу 30.750) е наша пресметка според курс од 61,5 денари за евро.

Извори

  1. УЈП/МПИН: конечни платени пресметки по платни интервали, 2025 (агрегирана табела, нема јавен линк).
  2. ДЗС: Просечна месечна исплатена нето-плата по вработен (јули 2025).
  3. ССМ: Вредноста на СМК за месец јули 2025 година (синдикална минимална кошница).
  4. Локално, 10 мај 2026: Трендафилов: Еден газда земал плата колку 817 работници на минималец (изјава на претседателот на ССМ).
  5. Либертас, 23 април 2026: Трендафилов објави колку работници земаат просечна плата во Македонија (Фејсбук објава со месечните броеви на плати точно на просекот, 2025).

Автор: Мите Кузевски

Објавено: октомври 2026

Истражување и обработка на податоци: Мите Кузевски, со техничка помош на Claude (Anthropic) · Интерактивна графичка обработка и изработка: Види Вака раскажувачко студио