Видео колумна: Зошто загадувањето треба да се третира како прашање од национална безбедност?

Загадувањето ги убива жителите на Македонија
Помеѓу 1.000 и 3000 жители на земјава годишно умираат од загадувањето
Властите потфрлија да ги заштитат граѓаните, сите досегашни обиди беа залудни
Овој човек нуди поинакво решение

За решавање на радикален проблем се потребни радикални чекори.
Нашиот предлог е загадувањето да го извадиме од секојдневната политика и да го префрлиме во политиките на итност, со тоа што проблемот ќе го класифицираме како прашање од национална безбедност.
Доколку сите сметаме дека загадувањето претставува ризик за граѓаните и за државата;
Доколку сите сме сложни дека до денеска не успеваме да го решиме проблемот со механизмите кои ги имаме на располагање и веруваме дека решавањето на загадувањето бара колективна акција од клучните чинители во општеството: граѓани, граѓанско општество, локалната, централната, извршната, судската, законодавна власт тогаш логично е да бараме поинаков пристап кој ќе им даде легитимитeт на оние кои носат одлуки за да превземат порадикални мерки. Тоа што ние го нудиме е загадувањето да се означи како прашање од национална безбедност и со помош на тој реторички чин да овозможиме активирање на низа мерки и алатки во борбата против загадувањето кои во овој момент не ни се достапни.
Ние веруваме дека третирањето на аерозагадувањето како безбедносна закана, ја зголемува веројатноста дека ќе може да се даде колективен одговор, кој ќе ги вклучи вклучи сите општествени актери преку граѓанското општество, извршната власт, парламентот, судството, дури и војската. Имајќи во предвид дека вообичаените политики не успеваат да ги дадат мерките на кои граѓаните се надеваат, ние сметаме дека вреди да се обидеме и со овој предлог.
Но, да се вратиме чекор наназад.
Кои проблеми потпаѓаат во категоријата „закани за националната безбедност“?
Одговорот на ова прашање зависи од тоа во која теорија на меѓународни односи верувате , припаѓате или пак кого прашувате. Да земеме за пример претседателот Иванов во негов говор во 2015 година како безбедносни закани ги класифицира: насилниот екстремизам, странски терористички борци, исламскиот калифат, транснационалниот организиран криминал, и регионални екстремистички групи кои се стремат кон промена на границите за остварување на големи националистички идеи.
Секако, различни теории на безбедност и меѓународни односи можат да ви дадат различна поддршка за тоа што ќе класифицирате како „закана“ за национална безбедност.
Но тоа што ве охрабрувам е да се запрашате себеси: од што се чувствувате вие како граѓани позагрозени. Дали се чуствувате позагрозени од заканите што беа споменати погоре или пак од загадувањето кое непрекинато ни се заканува нам и на нашите најблиски?
Страшните податоци и статистики околу загадувањето на воздухот сите добро ги знаеме, истите потврдуваат дека загадувањето во целост го менува нашиот живот, докажано е штетно кон здравјето на граѓаните, има големи економски импликации кон државата, и создава товар врз здравствениот систем.
Затоа треба овој проблем да го третираме како прашање од националната безбедност. Едноставно бидејќи можеме! Ние веруваме дека заканите за национална безбедност на една држава ги креираме самите, односно дека истите се: конструирани, флуидни, зависат од контекстот и може да се менуваат со тек на времето.
Кога еден проблем се става во категоријата „прашања од национална безбедност“ тоа има огромна моќ како инструмент на политичка и општествена мобилизација и затоа најочигледната причина да се класифицираат прашања од еколошки карактер како прашања од безбедносен карактер е потребата да има итна мобилизација и одговор кон овој проблем.
Меѓу другото, ова е дел од причините заради кои администрацијата на претседателот Обама ги класифицираше токму климатските промени како закана за безбедноста на САД; и ја искористи таа етикета за да може да му даде дополнителна ургентност на прашањето која на крајот вроди со Парискиот договор и низа домашни политики во САД насочени кон решавање на проблемот.
Но специфично што добиваме ни со ваквата класификација?
Неколку примери за можните придобивки.
Кога едно прашање се третира како безбедносна закана, поголема е веројатноста дека општеството ќе биде подготвено да направи одредени компромиси. Доколку го земеме за пример случајот на меѓународниот одговор кон тероризмот во 21-от век. Таму јасно може да видиме дека различни заедници, државни низ светот се подготвени да ги ограничат своите слободи, како на пример правото на приватност, во замена за поголема моќ на државата во спроведување надзор, што е претставено како предуслов за поголема безбедност.
Во случајот на заштита на животната средина, компромисите може да бидат најразлични. На пример за да го унапредиме квалитетот на воздухот, легитимно би било да жртвуваме: дел од нашата комоција, поголеми економски трошоци, недоволно големи инвестиции и ресурси во други области. Таквата размена, за нас би била потребна и оправдана.
Доколку аерозагадувањето се секјуритизира, односно третира како безбедносна закана, специфичен пример за активност која би можела да се смета за легитимна, независно од економскиот трошок, се раскинувања или значителното менување на договорните услови со приватни лица, за онињ проекти кои знаеме дека се штетни за животната средина. (14.14 од видео 2588
Ваквата постапка неминовно би повлекла исплаќање надомест на штета или нови трошоци. Друга мерка со сличен ефект би биле експропријација на приватното земјиште.
Понатаму мерка пак која не бара компромис, но може да се смета како легитимна во една ваква новонастаната ситуација, е вклучувањето на министерот за заштита на животната средина и просторно планирање во највисокиот институционален безбедносен механизам во Македонија како што е Советот за национална безбедност. Без разлика дали ќе се вклучи или не министерот во Советот, заканата од аерозагадувањето треба и мора да се стави на агендата на Советот за национална безбедност. Како и други современи безбедносни закани, чии причини за појава се надвор од националните граници и чии ефекти е тешко да се ограничат територијално, регионалната соработка е едноставно неопходна. Добар пример се Индија и Пакистан, кои традиционално се перцепирани како ривали, но сега наоѓаат заеднички непријател во смртоносниот проблем на аерозагадување.
Но што можеме ние да направиме?
Примарно, мораме да инсистираме дека сме под постојана закана од аерозагадувањето.
Самата етикета „национална безбедност“ закачена до проблемот на аерозагадувањето ќе ја има моќта да ја промени динамиката во општествената и политичка мобилизација. Политичките чинители во Македонија ќе ја имаат политичката можност да искористат алатки и политики кои не би им биле достапни доколку прашањето се третира како секојдневен проблем. Дополнително, политичките чинители ќе имаат мобилизирано граѓанство и политичка заедница на која и оди во сопствен интерес да спроведува политики кои ќе го решат овој проблем.

Видео колумна: Зошто загадувањето треба да се третира како прашање од национална безбедност?

Add comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.