Интервју: Дино Шкрињариќ

Бесниот Витез, не значи дека сум јас нешто агресивен, таман работа. Јас сум Бесниот, затоа што сум онака, опуштен, смирен, дружељубив, сакам да се забавувам. Витез е дека сум храбар, онака силен, како да кажам, радосен, среќен. Дино Шкринариќ, 24 години

Дино Шкринариќ: Хип-хоп витез кој не се крие зад маски

Дино Шкринариќ има 24 години и се соочува со Вилијамс синдромот, ретко генетско пореметување чие откривање се случува од третата до петтата година од раѓањето

Поради неинформираноста на докторите во 90-тите, родителите на Дино дознале за неговата состојба на петгодишна возраст

Вилијамс синдром во нашата држава имаат од 10 до 20 лица

Јас кога бев роден далечната 95-та, немаше многу логопеди, ама после тоа се појавија логопеди и дефектолози. Еве, на пример ќе кажам едно здружение коешто навистина ми помогна многу во моето образование. Здружението „Отворете ги прозорците“, тие навистина ми помогнаа да бидам она што сум денес.

Потешкотии при учење, проблеми со моториката, доцнење во развојот и фацијален израз се препознатливи за Вилијамс синдромот

Имаат бројни здравствени нарушувања, како што се: срцеви, мускулно-скелетни, гастроинтестиналните, генитоуринарните…

За Вилијамс синдромот не постои лек, но здравствените проблеми кои го придружуваат може успешно да се лекуваат. Кога Дино имал 11 години му направиле операцијата на срцето во Чешка

Можам да кажам дека кога дојде моментот дека треба да се оперирам, мислам дека опорувањето ми беше малку тешко треба малку време, повеќе време човек да се опорави од хирушка интервенција, така што, мислам дека сега сè е во ред со моето здравје. Немам никакви здравствени проблеми, претходно имав, како што кажав. Активен сум, вежбам, исто така добро се хранам.

Родителите се важното парче во сложувалката за лицата со Вилијамс синдромот

Па можам да кажам дека поддршката од родителите, дефинитивно многу ми значи. Затоа што, без нив денеска не знам каде ќе бидам. И покрај сите проблеми здравствени што ги имав, со хирушки интервенции, операција на срцето, многу работи се случија во мојот живот.

Овој синдром се опишува како спротивност на аутизмот, лицата се комуникативни и дружељубиви

Токму и прекарот Бесниот Витез е тотална спротивност на карактерот на Дино

Еве со татко ми знаеме често пати да одиме некаде на журка, на промоција на албум, промоција на спот. Така што, еве јас ќе ви кажам право, јас не сум затворен дома. Знам, често пати да излегувам.

Дино веќе четири сезони е рaдиоводител со своја емисија. „Хип Хоп Манија“ се емитува на фреквенцијата на радио МОФ, а неодамна се испроба и како диџеј

Мене хип-хоп музиката ме исполнува многу. Јас да ви кажам право, денот не можам да го започнам, а да не слушам хип-хоп музика. Исто, без хип-хоп не заспивам. Тоа е нешто што го практикувам и дома. Инаку, можам да кажам дека музиката што ја пуштав во бифе Тафталиџе, луѓето уживаа. Таму музиката беше прилично фанк музика. Мислам дека на публиката, да ви кажам право, првата журка кога ја направив таму, дефинитивно имаше full house, полно бифе и не можеше простор да се најде, немаше место плус за седење. Така што, музиката ме исполнува и дење и ноќе.

Вљубеник е во културните настани каде често оди со своите другари рапери од кого ја има најголемата поддршка

Нивната поддршка ми значи, дефинитивно многу. Без нив немаше да биде ниту „Хип Хоп Манија“, ниту Бесниот Витез, а да не беа тие. Сакам да ги поздравам во оваа прилика: Легијата, Зад аголот, Авторизација, С.А.М., моите луѓе од Фанки Фреш, цел колектив. Секогаш јас ќе речам, дружбата е најбитна работа, дефинитивно. Инаку, иако се дружиме по концерти, по настани, по фестивали. Можам да кажам дека во нивно друштво секогаш ми е најкул.

Некогаш и излегувањето надвор, за луѓето како Дино е вистински предизвик

На пример, во супер маркет, стално сум со татко ми, секогаш кога пазаруваме и вака ме гледаат чудно, си викаат „Кој е овој дечко сега?“ После, кога видоа дека сум со татко ми, се исплашија малку, ама добро. Знам понекогаш и сам да пазарувам, така што ги решаваме тие проблеми.

Постојните закони и институции не ги препознаваат пациентите со Вилијамс синдром

Многу работи треба да се променат, мислам дека државата треба многу да вложи во работни места и за хендикеп, и за Вилијамс синдром и за Даунов. Така што, мислам дека државата треба што повеќе да вложи.

Дино продолжува да го живее својот сон и да се надоградува во светот на музиката

За 10 – 15 години, би се гледал дефинитивно како аудио продуцент, диџеј, а не знам ќе видам, можеби ќе рипнам и во некои Ем-Си (MC), можеби ќе рецитирам, не знам како, ама ќе пробам во тие музички води што повеќе да се протнам. Така што, тоа е тоа, во иднина би бил продуцент.

Дино Шкринариќ преку својот пример ги победува стигмите во нашето општество и им дава ветар во грбот на другите со ваков или сличен предизвик

Јас би им препорачал, да не се плашат, слободно нека излезат надвор на чист воздух, на дружба со луѓето. Бидејќи, мислам дека само на таков начин ќе бидат поотворени, нема да бидат ниту исплашени, ниту загрижени. Така што, би им препорачал да излезат малку на природа, бидејќи треба да дишеме воздух чист, а не загаден воздух.

Интервју: Дино Шкрињариќ

Add comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.