НЕЗАВИСНОСТ ЗАВИЕНА ВО ТАГА

Во 21 часот и две минути минатата вечер, тетовската противпожарна единица го добива повикот дека гори модуларната болница.

Веднаш на терен се упатуваат 7 возила со 30 пожарникари. Во 21:30 часот пожарот е локализиран, петнаесет минути подоцна тој е целосно ликвидиран.

Кризен штаб за истрага на причините за пожарот е формиран во Јавното обвинителство составен од петмина обвинители. Увидот на обвинителите започна од ноќта, непосредно по пожарот.

Набргу на лице место на настанот доаѓаат државниот врв и локалните функционери.

Во Ковид центарот во Тетово за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти. Официјално, 14 лица го загубија животот. Останатите 12 се пренесени на лекување и се надвор од животна опасност.

Владата на денешната вонредна седница донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.

По неколку месеци доцнење, изведувачот на објектот ја предава во употреба тетовската модуларна болница на 14 април 2021 година. Но работите во неа сè уште не се финализирани.

Сите модуларни ковид центри се градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди, соопшти денеска Министерството за здравство како одговор на реакциите дека тетовската болница имала проблеми при предавањето.

Велешки „Брако“ и валандовската „Ари и Том“ се фирмите што беа избрани да ги градат модуларните болници. Нивната вредност изнесува 3 и пол милиони евра.

На 31 август уапсен е 42-годишен жител на Желино, осомничен дека ги пресекол цевките за довод на кислород во тетовската модуларна болница.