Интервју - Лицето Х

Трансродовите луѓе во земјава се соочуваат со вистински пекол
Лицето X е трансродово лице кое со оперативен зафат го сменило полот

Замисли се, во твојот најлош ден, кога сè тргнува наопаку, кога ќе се погледнеш во огледало и не можеш да се познаеш, кога се мразиш како изгледаш. Кога на секој чекор те начекуваат негативни реакции. Е сега, помножи го тоа со 100, затоа што пред сè, конфликтот е во тебе, ти не можеш да се поднесеш себеси во тоа тело во коешто си.

Првиот предизвик е соочувањето со себеси и животот во сопствената кожа
Тоа е еден пекол што многу лесно може да ве доведе до фаза на постојана депресија, со комбинација на анксиозност што е многу лоша комбинација. Суицидалност што дури и може понекогаш години покасно сè уште да не си замине, значи, уште е тука.

Следниот предизвик е соочувањето со семејството

Како и кај многу други, на почетокот секако дека имаше недоразбирање, проблеми, караници и сè и сешто. Ама после тоа видоа дека тоа е единствениот начин јас да бидам среќен. Мислам дека тоа е клучната точка на секое семејство, кога ќе видат дека детето им е среќно на тој начин, дека е тоа-тоа што може да му донесе нормален функционален среќен живот, едноставно застануваат на таа страна и си го поддржуваат детето. Сега кај мене ситуацијата е супер. И тие роднини што претходно не сакаа да имаат контакт со мене од овие причини, сега сите ме бараат, сите сакаат да контактираме и да се дружиме и така натаму.

Секој се обидува да ги смени, да ги врати на „нормалниот пат“

Однесувањето кај транс луѓето и општо кај ЛГБТИ луѓето го сведуваат само на ниво на однесување, коешто може да се смени, како и кај сите други. Но, тоа не е така, тоа е во сржта на идентитетот. Така што, ниедна количина на ќотек и на караници тоа нема да го смени. Меѓутоа, луѓето мислат дека тоа ќе помогне на некој начин, дека присилно ќе ве убедат да влезете во кутијата во којашто ве ставаат, а не сте за таму, а тоа е страшно тешко.

Општеството ги стигматизира на секој чекор

]Има пречки на сите страни. За медицинскиот процес нема ништо, за правниот процес исто така нема ништо, никакви закони, никакви регулативи. Само се префрла топката од врата до врата, никој не сака да преземе одговорност. Никој не ме прашува дали јас можам во меѓувреме да преживеам, дали можам да најдам работа, дали ме дискриминираат на секој чекор.

Се соочуваат со закани, дофрлања, исмевање…

Само би кажал дека во Македонија, здравствените работници многу често се случува да не дадат здравствена услуга, имаме случаи и кога транс жени биле исфрлени насилно од здравствени установи итн. Тоа мора да се поврзе со Законот за антидискриминација, којшто се уште не е донесен. Мора во здравството да се добие еден достоинствен третман на транс луѓето и понатаму да се зборува за сите потреби.

Трансродовите лица си даваат поддршка во време кога најмногу им е потребна

Конкретно паметам кога го запознав првиот транс другар, зборувам во живо кога го запознав, затоа што лесно е преку Интернет да најдете луѓе од странство и од секаде, меѓутоа кога ќе го запознаете во живо, тоа прави огромна разлика. Со него, на пример заедно отидовме во Белград за да го почнеме медицинскиот процес. Така што, тука се наоѓа во целата таа, да се изразам поетски, во целиот тој мрак се наоѓа една светлина, што понатаму со цела сила ќе се фатите за нејзе и ќе пробувате да ја зголемите. Зошто? Затоа што од сите страни надоаѓа темнината и морате некако да се справите, од сите страни има притисок.

Родовиот идентитет е најфундаменталниот аспект на приватниот живот
Правното признавање на родот е процес во кој поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција

Како и кај сите други граѓани, што менуваат лично име или менуваат презиме по брак или така натаму. Иста е постапката за сите. Проблемот доаѓа понатаму. Вториот чекор, односно втората постапка е промената на буквата, во мојот случај од „Ж“ во „М“. Тоа е тоа што заглавува. За тоа е надлежна Управата за водење на матични книги при Министерство за правда. Таму еден куп луѓе што аплицирале, вклучително и јас, добиле најразлични одговори од: „Немаш доказ дека е направена операција“ до „Немаме закон“ и после неколку години постапување, одеднаш стануваат ненадлежни. Единствената институција што може да биде надлежна за таквите работи. Така што, кога тоа би се решило како втор чекор, понатаму, се менува матичниот број во МВР и тоа е тоа. Значи, за тоа има веќе некоја пракса воспоставена, меѓутоа закон нема. Сите транс луѓе што сакаат тоа да го направат се наоѓаат во еден лавиринт во којшто цело време на сите инстанци, првостепена, второстепена и натаму, само ве одбиваат, ве враќаат на повторно одлучување и повторно тоа се случува.

Преку промена на ознаката државата го признава неговиот вистински род

Трансродовите лица бараат да станат видливи за државата

Најбитно е законот да не бара медицински интервенции. Затоа што, на пример, постојат луѓе кои од здравствени причини не смеат да примаат хормони иако сакаат, или пак, постојат луѓе коишто не смеат да имаат медицинска интервенција исто од здравствени причини. Значи, никој не смее тие луѓе да ги тера со да легнат под нож, поради управна постапка. Тоа нема смисла.

Лицето Х има лична карта со име на маж, но ознака дека е жена

Па има еден добар збор што би го употребил за мојата лична карта, тоа е „хаос“. Затоа што, сменето е името, има буква „ж“ и има нели претпоследните 3 бројки од матичниот број и тие не се сменети и тие укажуваат дека буквата треба да биде „ж“. Така што, поради ова имам проблем, во многу институции е потребен матичниот број. Каде и да отидам, мислам дека веќе нема институција каде што не сум имал проблем. Правиме муабет, како банка, пошта, здравствена установа. Секаде пред полна чекална „Еј ама тебе матичниот број ти е женски, зошто ти е женски?“ И тоа го слушаат сите, јас тука треба да се објаснувам. Слушам секакви коментари во позадина, има ситуации каде што ми се смееле, во здравствена установа ми се смееле и студенти, лекари ме прашувале: „Добро, што е кај тебе проблемот?“ Така што, не знам, јас сум, како да ви објаснам, имам проблеми на секој чекор.

Поради овој однос Лицето х ја тужеше земјата во Стразбур и ја доби пресудата

Пресудата во суштина кажува „Вие немате закон, морате да донесете закон“. Така што сега Македонија има обврска да донесе закон со којшто ова прашање ќе се регулира. Останува на нас внатрешно да одредиме каков ќе биде тој закон, меѓутоа, пак ќе кажам, основното барање на заедницата е тој да биде врз основа на самоопределување. Веќе има многу такви примери. Регионот се движи во тој правец. Секако не се носи веднаш, најповолни можни закони, затоа што знаеме дека живееме на Балканот. Имаме можност и ова е веќе истакнато повеќе пати. Имаме можност да бидеме лидери во регионот доколку донесеме закон што е во согласност со европските стандарди, иако тоа не е формално пропишано.

Искуствата на другите европски земји се позитивни

Еве на пример, имаме најмногу сличности со Малта. Каде што имале конзервативна власт претходно, пред да биде донесен законот. Луѓето немале право ни на најобичен развод, а камоли да се зборува за вакви теми. Меѓутоа, понатаму се појавиле повеќе судски случаи каде што се видела потребата од донесување на ваков закон и денеска Малта има закон што можете со поднесување изјава којашто ја регистрираат таму во матичните служби, едноставно да добиете промена на податоци. Во официјалните регистри веќе нема никаков запис за тоа што е направено туку вие си добивате нов чист извод.

Трансродовите лица бараат прифаќање од општеството

Ова е едно многу сложено прашање, што навлегува во секој аспект на животот. Затоа што, полот и родот навлегуваат во секој аспект на животот. Значи, само помислете во која и да е животна ситуација секогаш има нешто, дали е тоа некој предмет, дали е парче облека, дали е професија, не е битно. Ние сме научени, дека тоа е или за мажи или за жени. Е сега, тој систем на таква поделба, тоа е тоа што ги зацврстува тие позиции во нашите глави и едноставно не присилува да мислиме дека тоа е тоа што е правилно и понатаму тие ставови ги наметнуваме и на другите.

Интервју – Лицето Х

Add comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.