Интервју - Ема Ананиевска

„Самите ние треба да се поставиме онака како што сакаме да бидеме третирани од општеството. Ако јас се поставам како „душичка“ и како „леле, јас греота сум и не можам ништо да правам и судбината мене ми е таква каква што ми е“ и ќе си седам дома и ќе си плачам, така ќе ме третираат сите.“

Лицата со оштетен вид секојдневно се соочуваат со многу предизвици

Државата треба да им обезбеди посебна заштита и услови за нивно вклучување во општествениот живот

Но, реалноста е многу поинаква

„Проблем на системот, затоа што вообичаено лицата со попреченост не се гледаат надвор и луѓето мислат дека не постојат и кога ќе видат некој се зачудени, мислат дека тоа е нешто ново, нешто специјално, нешто посебно. Не! Треба да се однесувате најнормално, како што се однесувате меѓу себе, со било кој, да кажам во наводници „нормален човек“.“

Вкупно 2.555 слепи и слабовидни лица се регистрирани во државава, но бројот на оние со ваква попреченост е поголем

Поради зависноста од други луѓе и лошите услови за самостојно движење, многумина ретко излегуваат надвор од сопствениот дом

Првиот момент на „животот надвор“ од домашниот праг е соочување со општествениот мрак

На Ема Ананиевска слепилото не и било пречка за остварување на соништата, но стереотипите биле препрека

„Треба да земеш млеко од доилка, да си ги намачкаш очите и така ќе прогледаш“. Јас во моментот и реков, избројав до сто мислам дека, за да не се расплачам во тој момент, тоа ми беше периодот кајшто секој коментар ме погодуваше и само и реков „Ви благодарам многу, да не бевте вие стварно не знам како ќе си го најдам лекот“. Излегов од автобус, отидов дома и мислев дека два и пол часа плачев. Зашто цел автобус се сврте накај мене, да види кое е тоа „гревче“ коешто треба да се намачка со млеко од доилка или да оди во манастир, дека и такви коментари сум добивала.“

Државата е должна да им го овозможи правото на образование и преку еднакви можности да обезбеди инклузивен систем на образование

Ема целото свое образование го надоградувала во редовна настава

„Јас мислам дека треба сите да бидат запишани во РЕДОВНО ОБРАЗОВАНИЕ, ако ме прашувате мене. Затоа што, ако се бориме за инклузија, инклузијата е тоа, дека треба сите да учат во редовни училишта и да имаат услови за тоа. Затоа што, така се социјализираат и така нивните соученици ќе знаат уште од мали дека има некои дечиња коишто се поразлични од нив и на коишто можеби во одредени ситуации им е потребна поголема помош. Нема поента зошто да се тргаат во посебни училишта.“

Инклузијата значи рамноправност, а читањето како основно човеково право не важи за сите во нашата држава

Слепите лица не можат да прочитаат дури 90% од сите објавени материјали

Со потпишување на Договорот од Маракеш се очекува да им се олесни пристапот до објавени дела

„Знам веќе дека некои учебници ги имаат веќе направено во аудио формат, знам дека дури и лектири ако не се лажам, не сум сигурна, почнуваат да ги обработуваат. Стварно се надевам дека тоа во скоро време ќе се промени, затоа што тоа ќе биде многу олеснителна околност за наредните генерации што доаѓаат и што ќе сакаат да се запишат во редовно образование.“

Досега се објавени околу 400 дела наменети за слепите лица, што ни одблиску не е доволно

Извор: Националниот сојуз на слепите на РМ

„Мајка ми лекциите што ми беа за учење ми ги читаше на диктафон, па потоа така учев. Потоа за повторување на истите, ми помаѓаше таа. За пишување домашни исто така, јас ги пишував на Брајово писмо, па потоа таа ги преведуваше на видно, за да можат професорите да ги прочитаат, бидејќи не го познаваат Брајовото писмо. Тоа беше доста тежок процес. Јас добивав бесплатни учебници, меѓутоа јас немав никаква корист од тие учебници, лично. Побаравме тогаш од Министерството за образование да ни ги дадат учебниците во аудио издание и тие не одбија со образложение дека немале обезбедено авторски права за такво нешто. Дека јас сум една во редовно образование.“

Движењето надвор е невозможно без придружба

Лоша сообраќајна култура, немање услови во градскиот превоз, недостаток на звучни семафори и тактилни патеки…

„Еве, имаме патека во парк, супер, браво, имаме патека во парк. А јас во парк како да дојдам? Значи, треба некој да ме донесе до парк. Па после ти во парк, таа патека од 150 метри што е, оди ја, и толку. Не мораш повеќе да одиш, доста ти е. Значи, луѓето не знаат, треба да се информираат луѓето за што се тие патеки. Тие патеки треба да ги има низ целиот град, не само низ целиот град, туку низ целата држава треба да ги има. Пошто, ние не сме само во Скопје, нели.“

Од голема помош, за да не зависат од луѓето би било донесувањето на Закон за куче помошник

„Целиот тој процес е нешто коешто дефинитивно треба да се направи да биде достапно кај нас. Меѓутоа, мислам дека во овој момент, тоа е доста тешко, затоа што, прво и основно со тоа куче треба јас да можам утре да влезам во продавница, или да влезам во автобус или во такси. Да тргнеме од моментот колку се кафулиња кај нас каде што можеш да седнеш со куче. Прво и основно треба тука да се смени свеста кај луѓето и да се објасни која е функцијата на куче-водич и дека тоа куче треба да смее да влезе секаде.“

Звучните топломери, звучните апарати за мерење крвен притисок и други помагала се сметаат за личен материјален товар кој е на на лицата со проблеми со видот

„Тие звучни апарати за притисок, за шеќер и слично, мислам дека кај нас воопшто ги нема, се нарачуваат од надвор. Што е дополнителен трошок. Самото тоа си бараат тука и царини и триста глупости. Имаше лани, во Црвен Крст донесоа мислам од Бугарија ако не се лажам, педесет беа апарати за пристисок и за шеќер. Е сега, ние педесет луѓе добивме од нив, апарати за притисок и за шеќер, но, што е со останатите? Немаат никакви, ниту услови, ниту им дава Фондот финансиски средства ниту ништо. Е сега, ако индивидуално некој тоа се снајде да си го овозможи, ќе си го овозможи. Ако не, тоа е тоа. Државата ништо нема да му даде.“

За да ја намали зависноста од други лица Ема купила програма за исчитување на нотите од Америка

„Меѓутоа и тука се судривме со доста проблеми, затоа што кај нас никој не ја познава таа програма, па имавме проблем со тоа, на кој начин да почнеме да ја употребуваме. Затоа што, тука ни беше потребен човек којшто знае и компјутери и музика, којшто се разбира. Меѓу другото да знае англиски добро. Некои луѓе се понудија/ меѓутоа кога ќе го видеа програмот им беше сосема непознато и веднаш се откажуваа.“

Ема ја користи музиката за да ја зголеми свесноста на институциите за проблемите на лицата со слепило или со оштетен вид

„Јас мислам дека ако некој учествува во менувањето на политиките треба да му биде приоритет да работи за сите, а не лично. Ама кај нас е проблемот што сите си работат само за личен интерес. Јас сум човек што, сакам да имам можност да го сменам светот, ама не сакам да бидам вклучена во политика. Така што, јас ќе си се фокусирам на тоа да го менувам светот преку уметност. Што би сменила? Па не знам, многу работи би сменила. Човештвото би го сменила, мислам дека пред сè. Кога би можела.“

Интервју – Ема Ананиевска

Add comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.