● во живо
Види Вака · податочна приказна
Додека го читаш ова, некој во Македонија зема здив што ќе му го скрати животот.
● Сега во Скопје: — μg/m³ ПМ2,5 ·
повлечи надолу ↓
Во Исланд ситните честички ПМ2,5 не убиваат речиси никого.
Во делови од Финска и Шведска, буквално никого. Нула предвремени смртни случаи.
Но колку повеќе се оди кон исток и југ, толку потемна станува мапата.
Јагленот, старите возила и греењето со дрва ги палат Полска, северна Италија… а потоа и Балканот.
На Балканот, меѓу црвените региони на Србија, Босна и Албанија, една земја е целосно обележана.
Сите осум региони на Македонија се меѓу најзагадените во Европа. Четири од нив се во првите десет.
Скопски регион.
301 предвремен смртен случај на 100.000 жители на возраст над 30 години. Тоа е највисоката стапка во цела Европа, меѓу 1.243 региони.
На второ место е Тирана. Таму стапката е за 17% пониска.
Десетте најсмртоносни региони во Европа: четири македонски, пет српски и еден албански.
За регионите да се споредат правично, без оглед на големината на населението, стапките на смртни случаи се мерат на 100.000 жители.
Но зад секоја бројка стои жив човек. Во Македонија, само во 2023 имаме 2.667 предвремено загубени животи, во просек по седум дневно.
Смртта не е единствената мерка. Секој од тие животи завршил предвреме, оставајќи години што никогаш нема да бидат проживеани.
Само во Скопскиот регион, само во 2023 изгубени се 10.359 години живот. Околу 130 цели човечки века.
„Предвремена смрт“ и „изгубени години живот“ се статистички процени според методологијата на ЕЕА и СЗО, засновани на изложеност над препорачаното ниво на ПМ2,5, а не на поединечни дијагнози.
Видео · 0:38
д-р Мими Кимовска-Христоваспецијалист педијатар, неонатолог
Што всушност гори? Студијата за изворите на загадувањето го разложи скопскиот воздух честичка по честичка.
Дрвата и биомасата за греење сочинуваат една третина од честичките, не затоа што луѓето сакаат да горат дрва. Само едно од пет домаќинства во Скопската котлина е приклучено на централно греење, а гасоводна мрежа речиси и да нема.
На сообраќајната станица Ново Лисиче уделот на сообраќајот е 23%, а на биомасата 32%.
Проблемот не е само граѓански. Индустријата исто така согорува биомаса, дрво и отпад како гориво. Дури 600 јавни институции сè уште согоруваат мазут и цврсти горива, признава самата Влада. Врховниот суд во октомври 2024 утврди дека државата е должна да го обезбеди правото на секој граѓанин на чист воздух.
Зошто токму Скопје? Градот лежи во котлина. Во ведрите, студени зимски ноќи воздухот при земјата се лади, а над него легнува слој од потопол воздух, т.н. „капак“.
Чадот се крева, удира во „капакот“ и нема каде. Се собира и виси над градот со денови, додека не дувне ветер.
Над капакот се гледаат ѕвездите. Под него градот не ги гледа.
Затоа декемвриска вечер во Скопје изгледа како градот да потонал во магла. Не е магла. Тоа е причината за предвремено загубените животи.
Видео · 1:07
д-р Мими Кимовска-Христоваспецијалист педијатар, неонатолог
Има и добра вест: ова се победува. ЕУ ја намали смртноста од ПМ2,5 честички за 57% во однос на 2005 година, а Естонија, Финска и Шведска ја намалија за над 90%.
А Македонија? Минус 55%, со исто темпо како ЕУ. Се подобруваме и ние.
Проблемот е почетната точка: тргнавме од толку високо ниво што и по преполовувањето сме први во Европа.
Мапата на смртноста застанува во 2023. Мерењата не запираат.
Во 2024 година шест мерни станици во Македонија беа над годишната гранична вредност на ЕУ за ПМ2,5 честички, а во 2025 година веќе девет.
Подобрувањето од две децении не е гаранција за следната зима.
Што сега?
Воздух што не убива е возможен. СЗО препорачува годишен просек од 5 μg/m³, а Естонија за 18 години ја намали смртноста од ПМ2,5 честички за 94%.
Студијата за изворите на загадувањето покажува од каде да се почне.
1 · Греењето. Чиста алтернатива за домовите: поддршка за замена на изворите на греење и за енергетска ефикасност, особено кај семејните куќи.
Студијата бара масовно информирање и директна финансиска поддршка. За тоа е потребен национален план со рокови и пари.
2 · Брзите победи. Државата да почне од себе: јавните институции да преминат од мазут на чисти горива. Општините и инспекциите да го контролираат палењето на отворено и прашината.
Заедно тие сочинуваат повеќе од четвртина од загадувањето, а студијата вели дека може и мора да се решат многу побрзо.
3 · Мерење и контрола без прекин. Мрежа од станици што секогаш работи и објавува јавни податоци. Државата да ја контролира и индустријата, особено што согорува како гориво и што и колку испушта во нашиот воздух.
Она што не се мери, не се решава. Секоја станица помалку е една слепа точка повеќе.
Европа го докажа. Податоците го покажуваат патот. Останува одлуката.
Извори
Види Вака, 2026
Квиз
Пет кратки прашања од приказната. Без притисок: по секој одговор ја гледаш точната бројка и нејзиниот извор.