Според податоците од Државниот завод за статистика, вкупното количество отпадни води во 2018 година било за 2.6 % помало во однос на 2017 година.
Иако Државниот завод за статистика поседува бројки за количината на испуштени отпадни води сепак од Министерството за животна средина и просторно планирање за Види Вака објаснуваат дека недостига редовен попис на населението и редовен мониторинг на количините на испуштање на отпадни води. Во превод, без овие податоци точната бројка никој не ја знае.
„Не смее да се дозволи отпадните води да влезат во реките бидејќи потоа навлегуваат и во подземните води, а ако влезат во нив потоа не може да им се следи трагата“, вели професорот Димитров.
„Проценетата популација на земјата во 2016 година е 2.073.843 жители од кои околу 1.37 милиони се приклучени на канализација. Ова претставува околу 66% од вкупното население. Количината на испуштени отпадни води ќе може да се пресмета согласно бројот на население кое не е приклучено со ситем за третирање и годишниот просек на зафатено количество на вода за водоснабдување за тоа население помножено со 0,8.“, велат од Министерството.
Формулата на Министерството изгледа како научна фантастика за „обичниот“ граѓанин кому му се потребни точни и навремени информации за тоа каков е квалитетот на водата во неговото опкружување.
Вардар во целото течение со години е река со висока загаденост од трет и четврт степен. Не успеавме во судските архиви да пронајдеме пресуда за евентуално санкционирање на некои од загадувачите. Иако во Кривичниот закон се предвидени строги парични, но и затворски казни тие во пракса не се применуваат.
Од оваа институција објаснуваат дека во моментов во Македонија има 24 пречистителни станици кои се во функција. Овие станици се за третман на отпадни води и имаат капацитет да пречистат вода што ја користат 525.000 жители. Добивме податок дека вкупно 18 пречистителни станици не се во функција, а две се планирани да се изградат.
Владата неодамна објави дека завршени се пречистителните станици во Кичево, Прилеп, Струмица, Радовиш, Карбинци и Кучичино. Во изградба се вакви станици во Вевчани, Гевгелија, Кочани и во Магарево. За периодот од 2020 до 2022 пречистителни станици треба да добијат и Битола, Скопје и Тетово или градовите каде живее повеќе од половина од популацијата во земјава.
Во Центарот за санитарна контрола на ЈП „Водовод и канализација“ велат дека се работи на проектот за изградба на пречистителна станица во главниот град на земјава која ќе ги чисти главно водите од домаќинствата.
„Се работи за комунални отпадни води кои нормално имаат негативно еколошко влијание, но во одредена мерка спрема законската рамка. Нетретирани во моментов завршуваат во Вардар. Во моментов работиме на собирање податоци за пречистителна станица кој е голем проект и ќе биде за точно онолку жители колку што броиме или ќе се развиваме во иднина како урбана средина“, вели Биљана Петровска, раководител на хемиска лабораторија во Центарот за санитарна контрола.