Студентските домови – заложници на политиката
Автор: Христина Ѓорѓиевска
Монтажери: Синиша Илијески и Анета Цветковска
Сниматели: Иван Алушевски и Драган Котовски
Фотографија: Иван Алушевски
Продукција: Види Вака
Види Вака Истражување
Мирис на мувла не дочекува во зградата 1 од студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје. Истиот мирис кој го чувствувале стотици студенти, кои ова место некогаш го нарекувале дом. Објектот сега е напуштен, а студентите се „преселени“ во другите згради.
Влегуваме во зградата. Доградените тоалетите без вентилација во собите, дополнително придонесуваат да имате чувство на недостиг на воздух. Како декорација во секоја соба се гледа влага, мувла, скршени прозорци, вирчиња на средината од покиснатиот таван и по некоја рачно напишана мисла на ѕидот за студентскиот живот од некој станар.
Ова е една од зградите за која безмалку сите политички партии изминативе години ја ставаа во својата агенда пред избори, надевајќи се за „купен“ глас кај студентите. Во секоја кампања се ветува повисок студентски стандард и подобри услови за студентите.
Соба во студентски дом „Стив Наумов“
Студентите Тодор Коцевски и Љупчо Јованов се едни од станарите во „Стив“. Велат дека главна причина да се сместат токму во овој студентски е близината на факултетите на кои студираат. Тодор Коцевски е сместен во новите бараки во „Стив Наумов“.
„Доаѓам од Радовиш и сум трета година на Факултетот за безбедност. Трета година по ред сум сместен овде и сум задоволен. Топла вода има постојано, нови прозорци со систем за кипaње. Би сакал да има повеќе студенти и да има поголема дружба“, вели Коцевски.
Според Љупчо Јованов, кој е сместен во зградата 2, приоритет треба да се даде на реновирање на санитарните јазли.
За храна и сместување, еден студент месечно плаќа 3.400 денари. Моменталната бројка на студенти сместени во студентските домови во Скопје, под надлежност на Државниот студентски центар, изнесува 2.100 студенти. Оваа бројка секоја година варира, a причините можат да бидат од лоши услови за престој, изборот и квалитетот на храната и тоа дека дел од некои објекти се затвораат поради реконструкција или реновирање. Дел од станарите на домовите велат дека низ годините е изгубената доверба од страна на студентите во институциите, кои треба да претставуваат нивен втор дом.
Види ја во VR 360° собата на еден студент од
студентскиот дом „Стив Наумов“ (нови бараки)
Според директорот на Државниот студентски центар „Скопје“, Дарио Николовски, моментално условите за престојување се лоши во зградата 1 и 2 во студентската населба „Стив Наумов“.
„Од таа причина
Зграда 1 веќе и ја затворивме оваа година и тие беа во најлоша состојба. Итно преземавме мерки, се спроведе јавен повик за избор на фирма, проектот е во завршна фаза, се прави,“ истакна Николовски.
Биљана Арсовска е поранешен станар на студентскиот дом „Стив Наумов“, таа има престојувано во женската зграда во периодот од 2008 до 2012 година.
„Јас додека бев во домот немаше постелнина, од перница до ќебе, секој си носеше од дома. Додека студирав, се перевме во пластичен леген во вецињата или чекавме да дојде викенд, па со полни куфери одевме дома на перење,“ ни објасни Арсовска.
Од управата на Државниот студентски центар „Скопје“, велат дека во трите студентски домови: „Кузман Јосифовски Питу“, „Стив Наумов“ и „Гоце Делчев“, на секој студент му следува чиста постелнина и три жетони за перење во месецот. Откако ќе ги потрошат трите жетони, следното перење ги чини по 50 денари.
Тоалет во студентски дом „Стив Наумов“
Според Законот за студентски стандард, студентскиот дом е установа која на студентите им обезбедува сместување, исхрана, грижа за здравјето, културно-забавни, спортско-рекреативни и други активности. Но, тоа што е на хартија, не значи дека е и реалност. Преку социјалните мрежи студентите редовно ги постираат некогаш комичните, а некогаш трагичните аспекти на живеењето во дом. Меѓу тие видеа има и пожари, поплави, паднат таван, откачени лифтови, нехигиена во тоалетите и лош квалитет на храната.
Во 2014 година, станарите на студентскиот дом „Гоце Делчев“, започнаа иницијатива „Операција студентски дом“. На оваа платформа, тие ги прикажуваат услови за живот за тоа како студентите се заробени во сивата студентска реалност. По бурните реакции во јавноста, започна со реновирање, најпрво еден од четирите блока на домот „Гоце Делчев“.
Пред две недели, беа пуштени во употреба блоковите В и Г од истиот студентски дом. Овие згради добија нов мебел и бела техника, ходниците, собите и тоалетите беа варосани. За време на летните месеци, кога студентите се на одмор, од раковоството на Државниот студентски центар „Скопје“, планираат реновираните простории да ги стават на изнајмување преку сервиси како што е „Booking“. Едно ноќевање во студентскиот дом „Гоце Делчев“ би чинело 400 денари. Сличен концепт на изнајмување на соби во студентски домови, веќе со години успешно функционира во Белград, Србија.
Студентски дом „Гоце Делчев“
Во 2015 година, ВМРО ДПМНЕ и Владата на Никола Груевски, ветија нов мебел за сите домови како и дека ќе изградат три нови студентски домови. Еден во Тетово и два во Скопје (во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а другиот кај поранешниот студентски дом „Медицинар“). Сепак ова остана само ветување.
И сегашниот директор на Државниот студентски центар, Дарио Николовски, најави нов студентски дом.
Во 2016 година во програмата на СДСМ „План за живот во Македонија“, се вети изградба на студентски град во Скопје, со нови модерни архитектонски решенија за студенски домови, во којшто ќе има спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, киносали, фитнес центри. Минатата година на средбата со граѓанските организации и претставници на владиниот кабинет, министерот Венко Филипче, најави некаква „форма на студентски град“ во новиот Клинички центар. Сепак и по неколку години, ова ветување остана на хартија.
Невладината организација „Културно ехо“, предлага фабриката „Купром“ да се пренамени за оваа намена. За Симона Димковска од „Културно ехо“, ова е логично решение бидејќи Скопје е студентски град.
„Пренамената на оваа поранешна фабрика ја гледаме во некаков тип на студентски град,
односно, Културен креативен центар, не само за овој дел од градот, не само за Ѓорче, да се децентрализира културата, туку и за целиот град Скопје, но, и на ниво на државата. Бидејќи, се работи за голем капацитет. Градот Скопје е исклучиво студентски град и сметаме дека тоа би била најсоодветна пренамена на оваа фабрика“, вели Димковска.
Од Министерството за образование и наука, на прашањата „кога, каде и дали ќе се изгради студентски град во Скопје?“, не дадоа конкретен одговор.
Од МОН, велат: „Унапредувањето на студентскиот стандард, вклучително и обезбедувањето на соодветни услови за сместување и престој во државните сместувачки капацитети, продолжува да биде еден од врвните приоритети на Министерството за образование и наука. По сите направени анализи во изминатиот период, се констатираше дека најизводливо решение за обезбедување на модерни услови за сместување и престој на студенти во студентските домови во нашата земја е реконструкцијата на студентските домови во делот на енергетската ефикасност на седум студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. Овој проект ќе започне годинава и ќе заврши целосно во 2024 година.“
Со кредит од 25 милиони евра студентските домови ќе станат енергетски ефикасни.
Политиката постојано ги меша прстите кај студентите, но, меша и во нивната исхрана. Каков е квалитетот на храната, долги години се дискутираше помеѓу станарите во студентските домови. Неодамна во јавноста излегоа фотографии со оброци на студенти, кои беа само достоинствен оброк, но, беа претставени како хотелски ручек.
Според истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ), со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, во кое учествувале 300 студенти, за секој станар кој живее во скопски студентски дом, му следувале 14 килограми свинско или говедско месо, односно, околу 1 и пол килограм месо. Кога станува збор за овошје, за секој студент се наменети по 9 килограми овошје месечно. За една година, биле купени 4.000 килограми банани, што значи, секој студент јаде по 1 и пол килограм банани годишно, односно, по само една банана месечно.
Дарио Николовски, директорот на Државниот студентски центар, истакна дека овие бројки се поради изгубената доверба во квалитетот на храната.
„ Јас ќе напоменам неколку работи коишто беа популарни периодов, една банана месечно и слично. Тоа се работи коишто се поврзани или излегуваат такви бројки математички од проста причина е што години наназад, студентите ја имаат изгубена вербата во оваа институција, ја имаат изгубено вербата во квалитетот на храната и многу малку од нив се појавуваат на оброците, односно, чисто домот и студентскиот дом го користат само за преноќевање и ништо повеќе“, објаснува Николовски.
Освен оброците во студентските домови, Владата и Собранието го донесоа Законот по скратена постапка, за субвенциониран оброк. Законот предвидува студентите од државните и од приватните универзитети, да можат да користат субвенциониран оброк во ресторани кои склучиле договор со МОН, по пониска цена. Субвенцијата не ги вклучува газираните пијалаци и брзата храна.
Студентски оброк во „Кузман Јосифовски Питу“
Во Скопје, 2.100 студенти се сместени во организационите единици: Студентски дом „Кузман Јосифовски Питу“, Студентски дом „Гоце Делчев“, Студентската населба „Стив Наумов“, но, не и во Студентскиот дом „Невена Ѓорѓиева Дуња“ или популарно наречен „Медицинар“, кој повеќе години наназад е затворен.
Има и студенти кои се сместени во ученички домови. Ова доаѓа, доколку слободните капацитети во јавните ученички домови не се пополнат и заради економска оправданост, конкурсот останува отворен за пополнување на слободните места со студенти во согласност со Правилникот за начинот и постапката за прием на студентите во државните студентски домови.
Студентот Џенгис Мемедоски од Прилеп, средното и високото образование го поминува престојувајќи во Ученичкиот дом при ДУЦОР „Партенија Зографски”- Скопје. Тој вели дека не може да се замисли да живее во некој друг дом, освен во тој каде што е изминативе десетина години.
Студентот Џенгис Мемедоски десетина години е дел од
Ученичкиот дом „Партенија Зографски“.
„Тивките луѓе имаат најгласни умови.“ Оваа мисла на Стивен Хокинг е напишана на еден од ѕидовите, во собата на студент од домот „Стив Наумов“. Токму, идните гласни умови во нашето општество, се сместени во некоја од тивките згради на студентските домови. Инфраструктурата на домовите, храната, тоалетите и хигиенските услови се студентска реалност, која девет месеци во годината ја живее секој студент што престојува во дом. Кога студентите не би биле заложници на политичките партии и ветувањата, веројатно нема да се чувствуваат како неканети гости во домовите, каде треба да живеат и да се изградат во идни академски граѓани.
Сподели ја оваа статија