Во интервју за Фокус, поранешниот министер за образование и наука, Азис Положани, изјави дека штетите се големи за најслабите образовни системи и учениците од социјално ранливи семејства.
„ Нашиот образовен систем во последно време покажува многу слабости, па оттука сите ќе претрпиме одредени штети. Нормално, најголеми ќе бидат штетите за оние кои се во понезавидна ситуација од аспект на инфраструктурната и технолошката подготвеност на образовните институции, а тоа се пред сè руралните училишта и учениците што потекнуваат од семејства со низок социо-економски стандард. Дел од наставниот кадар не е подготвен да се зафати со новите технолошко-педагошки предизвици и во нормални околности, а камоли во вакви комплексни ситуации“, вели во интервјуто поранешниот министер за образование и наука Азис Положани.
Од Министерството за образование и наука посочуваат дека правото на образование никому не е скратено одговарајќи на нашето прашање дали станува збор за дискриминација врз учениците кои не се во можност да следат настава од далечина поради фактот дека немаат пристап до интернет и ИТ уреди.
„На ова укажуваат извештаите од училиштата коишто ги добивавме на дневно ниво. Првото полугодие го завршивме со над 90% од учениците кои успешно следеа онлајн настава, со помалку од 1 % активни случаи на ковид-19 од наставниците и учениците кои беа со физичко присуство и со околу 8.000 ученици кои наставата на далечина ја следат на Националната телевизија преку емитување на 15 минутни часови на македонски и албански јазик и преку достава на печатени наставни материјали“, велат од Министерство за образование и наука.
Спротивно на ставот на МОН, од Сојузот на средношколци подвлекуваат дека наставата од далечина оставила штетни последици врз квалитетот на самиот наставен процес.