Првоодделенецот Јан Попов и неговата мајка Тамара, секојдневно учат заедно и ги пишуваат задачите кои им ги испраќа наставничката по имејл. Наместо на училиште, Јан учи од дома поради коронавирусот. Многу веројатно ќе го дочека крајот на оваа учебна година дома, наместо во клупите на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Скопје.
Ова момче е едно од 21.687 првачиња во државава, кои годинава се дел од новиот предизвик во образовниот систем, наречен далечинско учење.
Дигитални училници?
Според новинската агенција „Анадолија“, вкупно 184 земји ги затворија вратите на образовните институции ширум светот, една од нив е и нашата држава. Вкупниот број на ученици во земјите од светот кои се зафатени со пандемијата, изнесува приближно 87%, што во бројки изнесува над 1,5 милијарда лица.
Кај нас, според Државниот завод за статистика, на почетокот на учебната 2019/2020 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 187.240, додека во редовните средни училишта изнесува изнесува 69.980 ученици. Тоа значи дека вкупно 257.220 ученици во државава учат преку „дигиталните училници“.
Но, што се случува со оние ученици кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, кои не располагаат со електронски уред, немаат пристап до Интернет, односно, немаат услови за да бидат дел од онлајн наставата?
Од Министерството за образование и наука ни одговорија дека се имаат обратено до училиштата со барање да се обезбедат овие податоци во најкус можен рок.
„По добивањето на податоците и нивна анализа, заедно со локалните самоуправи ќе се обидеме да најдеме начин воспитно – образовниот процес да продолжи за сите ученици во овој период кога е прогласена вонредна состојба, а за што јавноста ќе биде дополнително информирана“, посочија од Министерството за образование и наука.