Види Вака Истражување

Скопје треба да се гушка кога е во прашање паркингот кај Холидеј Ин

 
Паркинг со амин на Сугарески и Богдановиќ плодна почва за бетон, а се во согласност со законите, Антикорупциска со сомнеж за корупција

 

Автори: Сунаи Сабриоски
Снимател: Синиша Илијески
Монтажа: Синиша Илијески и Горјан Атанасов
Продукција: Види Вака

Ако се погледнат Деталните урбанистички планови несомнено ќе се насети апетитот на инвеститорите. Таков е случајот и со планот Градска четврт Ц08 – Ново Маало 2, од планерската куќа „Билд Урбан“, истата планерска куќа која беше ангажирана од страна на градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, откако реши да носи нови планови додека траеше мораториумот.

Во моментов на сила е планот каде апетитите на инвеститорот се остваруваат со веќе доставениот и одобрен идеен проект. Но, исто така откако општина Центар побара од Град Скопје да направи пресметка за вкупните комуналии кои треба да ги платат фирмите М.Г. Фешн на бизнисменот Антиќ и „Обновители“ на Антиќ и МПЦ, инвеститорите веќе се речиси подготвени да ја започнат долгонајавуваната идеја на паркингот наспроти Холидеј Ин.

Но, додека траат преписките за тоа кој го дозволил урбаното дивеење, нов ДУП со кој се опфаќа и локацијата наспроти Холидеј Ин нема. За ваквиот потег на узурпација на последните „бели дробови“ во градот Скопје, голем дел од стручната јавност излезе со свои идеи за заштита на јавниот интерес пред профитот, меѓу нив се и архитектот и планер Даница Павловска-Циги, професорот Слободан Велевски од катедрата за урбанизам на Архитектонскиот факултет како и поранешната претседателка на Советот на општина Центар, денес советник, Јана Белчева-Андреевска.

Даница Павловска-Циги: Фетишизирањето на економските ефекти станува тренд за да се оправда урбаното профитерство

 Современата урбана состојба на градот Скопје се базира на еден неквалитетен и непочитуван, слаб и срамен, а дури на некој чуден начин лажен просторно-урбанистички систем, вели архитектот и планер Даница Павловска-Циги која, пак, јавно повика на референдум по однос на просторот наспроти хотел Холидеј Ин.

Понатаму, Павловска-Циги појаснува дека: „Неразбрани се сите досегашни укажувања од архитектите-просторните и урбанистичките планери, теоретичарите, експертите, релевантните во сферата, за потребата од посебно Министерство за урбанизам, а заради промислувачки толкувања на наследената критична ситуација на целата територија на државата.“

По однос на продажбата на земјиштето, Павловска-Циги подвлекува клучни отворени прашања до надлежните институции кои се одлучиле на потег да дозволат бетонирање на просторот наспроти хотел Холидеј Ин како и коментирајќи ја одлуката на Уставен суд за укинување на мораториумот во општина Центар кој важеше за некаков спас од апетитите на инвеститорите за градба.

Зачудува што одговорниот секторски министер не го препозна мораториумот на Општина Центар како сигнал на вонредна состојба и очаен обид за ублажување на последиците од неквалитетното урбанистичко планирање. Зарем е можно дека не знаел дека не е момент за каква било продажба на драгоцено последно неизградено државно земјиште, иако за тоа има законски основ именуван со „дооформување на градежна парцела“?

Зарем таквиот нетранспарентен процес и договор со приватен инвеститор не инсинуира коруптивност? Зарем така се координираат урбаните политики на различни нивоа за исти стратешки цели?

Зарем така лесно се создава конфликтна ситуација во сериозно девастираниот градски простор? Зарем толку брзо врвниот правен субјект во државата – Уставен суд „одлучува дека не знае како да одлучува“, па донесува мерка за укинување на мораториумот?

Со тоа Уставниот суд го дискредитира целиот процес на евалуација на плановите, го саботира добронамерниот гест на локалната управа („Здравје пред профит“) и дури искажа неважност на грижата за похумано живеење. А тука е и еснафската комора која го штити бизнисот на градежниците лоциран во централното градско подрачје и ја подвлекува неуставноста на мораториумот. Разочарувачко е сознанието дека нема да ги поправаме направените грешки затоа што сме неспособни да ги пронајдеме формите за тоа, ни на политички ни на морален план, вели Павловска-Циги. 

Борбата за правото на град е тематска определба на граѓаните на Скопје, смета архитектот Даница Павловска-Циги, посочувајќи дека граѓаните се способни, цивилизирано и со дигнитет да ја водат, иако понекогаш губат по некоја битка, но војната не.

Скопје мора да е пред сè  ГРАД ЗА ЛУЃЕ.

Слободан Велевски: Потребен е јавен конкурс, во спротивно простор за јавен живот и зеленило нема да има

Доколку се реализира повеќе од 1/4 од оние фамозни предложени илјадници м2 што ги предлага претходниот ДУП и на начин како тие се „наместени“, простор за јавен живот и зеленило таму нема да има, вели професорот Слободан Велевски од катедра за урбанизам на Архитектонскиот факултет. Велевски дополнува дека за планот кој ја опфаќа локацијата спроти Холидеј Ин, Општина Центар и Градот Скопје треба да распишат јавен конкурс кој ќе биде анкетен и меѓународен.

Ние како општество, безмалку слепо ја следиме онаа парадигма на тоа дека повеќе е подобро, појаснува професорот Велевски, без притоа да се размисли за долгорочните резултати од таквото поведение.

„Инвеститорите добиваат градби кои поради себе-наметнатиот притисок да изградат повеќе и спечалат повеќе, добиваат недвижнини кои тешко ќе се продаваат на луѓе кои имаат барем елементарна култура на градско живеење, односно граѓани кои се свесни за потребата од квалитетен простор за живеење, родителите ќе ги сместат, но и ќе ги  „казнат“ своите деца да го поминат животот во крајно нехумани урбани услови, а општината ќе ги потроши парите за комуналии, а потоа долгорочно ќе мора да ги сервисира проблемите кои произлегуваат од пренатрупаноста на просторот“, вели професорот Велевски. 

Велевски во детали објаснува: Зошто е важна институцијата Јавен конкурс и што значи тоа.

За разлика од инвеститорите во Скопје кои планираат да градат искористувајќи го просторот за згради, инвеститор во Велес се одлучил да го ангажира Архитектонскиот факултет од Скопје да изготви проектна студија за еден голем дел од градот Велес. Планерски било покриена површина 10 пати поголема од таа кај Холидеј Ин, а архитектонски речиси двојно поголема. Инвеститорот немал проблем дека со новото предлог решение добива помалку м2 од она што сега го има по Деталниот урбанистички план

Цело време треба да се гушка градот–не треба да престане да се гушка Скопје

Јана Белчева-Андреевска: Со последното неизградено земјиште на Скопје му се случува дополнителен урбицид

Општина Центар низ годините е една од најпосакуваните „парцели“ за градење како на инвеститорите така и на архитектите и планерите, но и на власта која постојано потенцира дека мора да преживее само ако има комуналии од дозволи за градба. Па така, покрај фамозниот проект Скопје 2014 следен проект кој дополнително го отвори прашањето за хуманиот аспект на живеење и урбанизмот се и планираните и најавуваното бетонизирање на последната голема неизградена, а атрактивната локација наспроти хотел Холидеј Ин. Поранешната претседателка на Советот на општина Центар, Јана Белчева-Андреевска навраќајќи се низ годините па се до денес појаснува дека на Скопје му се случува дополнителен урбицид –  термин кој главно се поврзува со уништувањето на градовите и неговата автентичност во архитектурата и урбанизмот.

Скопје имаше потенцијал да стане модерен град, на наместо тоа стигнавме до негово уништување, вели Белчева. 

Со нов ДУП за Мал Ринг се очекуваше решавање на проектот Скопје 2014, но не и легализирање и аминување, додава Белчева. Најстрашно од сè според неа е дека законски секогаш постои оправдување, користејќи Итар Пејовски методи на надитрување, на дупки во законите низ кои понатаму влегуваат цели блокови облакодери, на историско неказнување или озаконување и легализирање на дивото. Ете така некако личи и ситуацијата со последните слободни површини во Центар кои неповратно одат кон зафаќање со бетон, со неприфатливи решенија за просторот, со нехумани планови за кои никој повеќе не реагира, а потврдени со одлука на Уставен суд која ќе биде запаметена и историски запишана, озбразложува Белчева. Покрај Уставниот суд, според Белчева, во уништувањето на градот учествува и Македонска православна Црква 

Министерството за транспорт и врски на МПЦ и на „Обновители“ им го даде последното големо државно неизградено земјиште – паркингот кај Холидеј Ин, во комплет дури и со парцели кои биле во процес на денационализација.

Урбицидот, според Белчева, ќе се изучува од следните генерации. Смета дека нелегални ДУП-ови не може да се основа за легални дозволи за објекти.  

Според Белчева, недозволиво е градоначалниците и советниците кои се избрани претставници на народот да не можат да ги согледаат ризиците.   

Иван Колевски: Уставниот суд покажа дека повеќе е склон кон избегнување на вршење на својата надлежност отколку кон вршење на ефикасна контрола на јавниот интерес

Последните случувања околу парцелата кај Холидеј Ин покажуваат дека сè уште сме делеку од решевање на проблемите со хаосот кој постои во урбанистичкото планирање. Сведоци сме дека постојат различни мислења за тоа каде е причината за ситуацијата во која се наоѓаме, дали за тоа се виновни самите архитекти, дали општината и Министерството за транспорт и врски или Уставниот суд. Правниот консултант, Иван Колевски за „Види Вака“ појаснува дека одговорот не е едноставен, но дека се пропушта клучната причина за ваквиот епилог со парцелата наспроти Холидеј Ин, кој пак како урнек важи за сите претходни, но и идни вакви ситуации, а тоа според Колевски е отсуството на ефикасна судска контрола во урбанистикото планирање

Како за илустрација, постојано се повикува на несогласност на предметниот ДУП со ГУП, негово отстапување од Правилникот за станадарди за урбанистичко планирање или спротивност со Законот за зеленило. Иако фактите говорат дека вакви несогласности реално има, сепак не постои ефикасно правно средство кое би се искористило за да се запре спроведувањето на самиот ДУП. Сега некој ќе рече, па затоа тука е можноста за суспензија на урбанистичкитие планови. Знам дека ваквата можност беше најавувана како спасоносно решение, но јас уште одамна предупредував дека истото само ќе придонесе за дополнително усложнување на постапката, а со тоа и со зголемување на можност за корупција.

Можноста за суспензијана плановите законски е регулирана со новиот Закон за урбанистичко планирање кој стапи на сила пред цела година. Но, според Колевски од непознати причини воопшто не се пристапило кон искористување на таа можност во конкретниот случај од страна на општината. Иако за тоа имало повеќе од доволно време

Понатаму, Колевски појаснува дека како единствен орган кој може да врши определена независна контрола на урбанистичките планови останува Уставниот суд.

Но што е уште поважно според Колевски, треба да се искористат искуставата во реформите на редовното судство во смисла на подобрување на познавањата на устваните судии за сферата на урбанистичко планирање

Равојот на настаните, според Колевски, покажува дека и во случајот на парцелата кај Холидеј Ин нема да биде обезбедено она што пошироката јавност го разбира како „јавен интерес“. Тој додава дека, дилемата која сега останува е дали ова ќе биде причина за да се преземат вистински реформи, пред се во правната основа на урбанистичкото планирање, кои ќе треба да гарантираат независна, самостојна и пред се судска контрола на јавниот интерес. Или ќе се продолжи со парцијални, нејасни законски решенија кои повторно ќе даваат можност за развој на корупција на актерите вклучени во урбанистичкиот процес.

МПЦ ќе добие станови и деловен простор на паркингот спроти Холидеј Ин

Македонската православна црква ќе добие 2.000 метри квадрати станбен простор и плус 2.000 метри деловен простор во висококатниците кои треба да се градат на паркингот спроти Холидеј Ин. Тие поседувале локација на истата парцела на која треба да се гради и која им била вратена со денационализација. Откако ја добиле назад во сопственост, локацијата ја дале на приватен инвеститор, во конкретниот случај бизнисменот Зоран Антиќ кој е и еден од сопствениците на фирмата „Обновители“, кои заедно со другата фирма М.Г Фешн каде исто така сопственик е Антиќ – од државата за 2,9 милиони евра ја купуваат и државната парцела од 9.000 метри квадратни, или за само 312 евра за квадратен метар.

Уредбата со која се продава земјиштето и по три години непроменета

Поминаа повеќе од три години од заложбите на ресорното Министерство за транспорт и врски дека уредбата со која се одлучува по која цена ќе се продаде државно земјиште ќе биде променета. Со истата уредба се одлучи земјиштето наспроти Холидеј Ин да се продаде по багателна цена од 312 евра за метар квадратен. Сегашниот директор на царина, Горан Сугарески од позиција на министер за транспорт и врски тврдеше дека истата уредба ќе биде променета, но до денес истата е непроменета.

И сегашното раководство на транспорт и врски се на ставот, како и пред три години, дека се вршат анализи за потребата од промена на Уредбата. Потенцирајќи дека ова е прашање за кое треба да постои заеднички став од страна на ЗЕЛС, бидејќи најголем дел од локалните самоуправи (освен седум општини) се тие кои располагаат со државното земјиште. Инаку, последната промена на оваа Уредба е направена во 2018 година  во   месец  ноември. 

Паркинг со амин на Сугарески и Богдановиќ плодна почва за бетон, а се во согласност со законите, Антикорупциска со сомнеж за корупција

Приватно земјиште кај предвидените висококатници државата успеала да го одземе, односно да обештети сопственик, за сума од речиси 17 евра за метар квадратен за потоа да го продаде по дополнително багателна цена од 312 евра за метар квадратен на бизнисменот Зоран Антиќ кој пак во соработка со МПЦ ја имаат формирано фирмата „Обновители“ и кои се главните инвеститори за градење на атрактивната локација наспроти Холидеј ин.

Се работи за приватно земјиште од 625 метри квадрати за кои државата во фазата на обештетување исплатила 10.601 евра, кое потоа го продала за сума од 312 евра за метар квадратен или во вкупна вредност од 195 илјади евра. Ова земјиште, кое било во фаза на денационализација, подоцна го добива бизнисменот Зоран Антиќ за багателна цена по метар квадратен, кое според проценките, кога во иднина би го продавал може да достигне сума од 1.600 евра од метар квадратен и би заработил 1 милион евра.  

Ваквата продажба на земјиштето го вклучи алармот на Државната комисија за спречување на корупција. Продажбата е ставена под лупа, антикорупционерите потврдиле дека продаденото земјиште (652 м2 КП 8462 КО Скопје) било во постапка за денационализација од 10.04.2003 година (ДН. бр. 19-08 – 173/1(818). Во текот на постапката (2007 година) барателот починал, по што надлежниот орган кој постапувал по барањето донел заклучок за запирање на постапката. Заклучокот станал правосилен 2008 година. Наследниците побарале симнување на клаузулата за правосилност и извршност бидеќи не биле запознаени за донесениот заклучок (со кој постапката била запрена со образложение дека не може да се врши достава на починато лице).

Антикорупционерите појаснуваат дека Комисијата за одлучување по барање за денационализација, донела Решение со кое го одбила барањето како неосновано. Барателите понатаму поднеле тужба до Управниот суд, кој пак ја уважил, а решението на Министерството за финансии, Комисијата за одлучување по барање за денационализација, го поништил. 

Од забелешките на ДКСК се утврдило дека, постапувајќи по пресудата на Управниот суд, Комисијата за одлучување по барање за денационализација продолжила со постапката за денационализација и на 18.04.2019 година (една година по продажбата на земјиштето) поранешните сопственици добиле Решение со кое на сопствениците им е определен надомест во вкупен износ од 652.000 денари. Согласно Законот за денационализација, надомест се дава за имот кој не се враќа.

Продажбата на парцелата ја извршило Министерството за транспорт и врски и тоа врз основа на извод од Детален урбанистички план којшто со одлука на Советот на општината бил ставен во мирување. Иако Советот одлучил запирање на спроведувањето на ДУП-от, сепак градоначалникот во доставениот изводот од ДУП до Министерство за транспорт не го навел тој факт и последиците од таа одлука на Советот.

Градоначалникот Саша Богдановиќ како адут во своја одбрана појаснува дека кога се продавало земјиштето ингеренциите ги имало Министерството за транспорт и врски, но не и општината и поради тоа не можело да се направи ништо.

„Се е во согласност со законите“, децидни се од Министерството за транспорт и врски. Од таму велат дека откако го добиле изводот од општина Центар законски биле обврзани да постапат по истиот, односно да му го продадат земјиштето на бизнисменот Зоран Антиќ, наведувајќи дека тоа го направиле во согласност со мислењето на Државното правобранителство кое дало согласност за отуѓување.

„Во однос за отуѓување на земјиште што е предмет на денационализација, ве информираме дека во Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација и Автентичното толкување на членот 64 од Законот за денационализација донесен во 2010 година, се наведува дека после 7 мај 2003 година без оглед кога барањето за денационализација е поднесено, не постојат правни пречки за отуѓување, односно дозволено е располагање со имотот што е предмет на денационалзиција.“, велат од Министерство за транспорт и врски.

И додека се префрлува топката на ингеренции, а се во согласност со законите, висококатни згради на МПЦ, со одлуката на Уставен суд, ја вратија желбата на „Обновители“. На важност се старите ДУП-oви. Антикорупциска веднаш по одлуката на судот го врати случајот повторно во јавност со продажбата на земјиштето

Комисијата за урбанизам на општина Центар: Ангажираната планерска куќа „Билд Урбан“ не постапува по нашите забелешки

Општина Центар повеќе од три месеци молчеше за тоа кои се забелешките на стручната Комисија за урбанизам формирана од градоначалникот Саша Богдановиќ на 27.01.2020 година, истото впрочем го прават и од планерската куќа „Билд урбан“ која пак општината ја ангажирала да црта за 1 денар м2.

Комисијата за урбанизам гласно алармирала дека планерската куќа „Билд Урбан“ не постапува по нивните забелешки, нешто за што градоначалникот беше прашан, но избра да молчи. Од свои извори, редакцијата на Види Вака, дојде до клучните забелешки на Комисијата до планерот и тоа:

Повеќепати беше сугерирано сериозно да се разгледаат поинакви плански концепти (на пр. да се следи карактерот на околните блокови како што се Градски sид, Градскиот трговски центар, Комплекс банки, коридорот кон Транспортниот центар итн.) со акцент на отворање на просторот кон север, односно кон кејот на р.Вардар, планираниот пешачки мост и Плоштад Пресвета Богородица (да се размисли за можност мeѓy парцелите да се планираат регулациони линии со што ќе се гарантираат јавни површини т.е. пешачки коридори,

Не се презантирани насоки за спроведување на Деталниот урбанистички план што се однесуваат на еднаков третман на сопствениците на катастарски парцели што формираат градежни парцели и сопствениците на катастарски парцели што го формираат мултифункционалниот јавен простор (обврска што е содржана во Планската програма);

Да се коригираат пресметките за планираното зеленило во согласност со одредбите од Законот за урбано зеленило;

Да се преиспита сообраќајното решение на сервисната улица „Kej 13-ти Ноември“ затоа што излезната рампа не е земена предвид во пресметувањето на коловозните ленти од кружниот тек на бул.„Кочо Рацин“; Мостот на Револуцијата и бул.„Кузман Јосифовски Питу“ со акцент на безбедносниот аспект;

Да се коригира планираниот подземен пешачки премии бидејќи излезот е планиран делумно на сообраќајната површина (приклучокот на ул.„Кеј 13-ти Ноември”);

Спроведувањето на градежните парцели да се планира со архитектонско- урбанистички проекти;

По еден месец од објавувањето на прилогот, општина Центар реши да одговори потврдувајќи ги сознанијата до кои дојдовме по однос на зебелешките на Комисијата за урбанизам до планерската куќа. Комисијата во три наврати го враќа планот во планерската куќа заради непостапување по издадените забелешки. 

Државната комисија за спречување корупција, знаејќи го фактот дека планерот не постапува по забелешките на Комисијата пристапи со предупредување кон градоначаникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, дека со таквите непостапувања на планерската куќа се отвора сомнеж за постоење на високи ризици на корупција заради тоа што, според антикорупционерите, влијанието на сопствениците врз планерите е многу веројатно да се случи.

Општина Центар во континуитет повторува дека се е согласно закон. Побаравме одговор дали општина Центар планира да го раскине договорот со ангажираната планерска куќа имајќи го предвид фактот дека постојат ризици од корупција поради непостапувањето на зебелешките, од општината децидни:

Но, што всушност тоа ќе значи имајќи го во предвид фактот дека планерската куќа речиси беше до половина од изработка на ДУП, а за што потроши скоро три години од мандатот на сегашното раководство на општината? Дали ангажирањето на нова планерска куќа ќе го успори процесот на носењето на нов ДУП? Во меѓувреме е отворена плодна почва за бетонирање во срцето на градот согласно важечкиот ДУП од 2012 кој пак не е усогласен со ГУП-от кој е на важност до 2022 година.

Додека општина Центар го користеше механизмот „мораториум“ двајца Охриѓани и пресудија на судбината на општината 

Додека процесот на непостапување по коментари од стручна комисија траеше, а никој не го раскина договорот со планерот, се случи Уставниот суд да одлучи да го укине мораториумот. Мораториум го оспориле двајца граѓани на Охрид. Уставните судии оценија дека со мораториумот општина Центар ги пречекорила своите законски овластувања, со што ја нарушила правната сигурност и еднаквоста на граѓаните, и неосновано ја довела во прашање уставната гаранција на правото на сопственост. Решение на Уставен суд У.БР.273/2020.

Општина Центар овој пат реши да одговори на новинарските прашања, но без да прецизира кои правни механизми им стојат на располагање и како ќе постапат со оглед дека Уставниот суд пресече – мораториумот повеќе не важи.

Законот за урбанистичко планирање ( Службен весник на РСМ, бр. 32 од 10.02.2020 година) во делот 12 Важење на урбанистички планови и нивна суспензија преку Член 23 овозможува суспензија на нелегалните урбанистички планови, како што е случајот со ДУП-от за Градска Четврт Ц08 – Ново Маало 2. Од Министерството за транспорт и врски посочуваат дека Општина Центар дека овој правен механизам го нема искористено.

Проверивме и во Општина Центар, дали го има искористено овој правен механизам за суспнезија врз ДУП-овите кои не кореспондираат со ГУП-от кој е сè уште на сила со важност до 2022 година, од таму велат дека елаборатите се изработени, но не и поднесени во Министерството за транспорт и врски. Од Центар со дообјаснување:

 „Општина Центар поднесе документ до Министерството за транспорт и врски во кој се наведени ДУП-овите кои не се усогласени со ГУП на Град Скопје 2012-2022, со образложение во кој сегмент истите се неусогласени со планот од повисоко ниво. На наведениот допис, Министерството за транспорт и врски даде повратен одговор во кој е наведено дека треба да се поднесат поединечни елаборати за секој од наведените ДУП-ови.“ 

Инвеститорите го презентираа идејното решение за висококатниците кај Холидеј Ин

Додека надлежните институции се обидуваат да се искоординират, а се во согласност со законите, инвеститорите, веќе се во фаза на урбанистичко редизајнирање на паркингот наспроти Холидеј Ин, а со тоа и на центарот на Скопје, каде што доминантен е фамозниот проект Скопје 2014. Наместо шеесеткатници, инвеститорите во првата градежна парцела ќе градат три згради од 16,20 и 22 ката.Ова е дел од идејниот проект за градежната парцела 1.1. наспроти Холидеј Ин. 

1.000 паркинг места, 6.520 метри квадратни зелени површини, максимална планирана катност приземје плус 22 ката, површината на градба согласно идејниот проект е 9, 165 метри квадратни, бруто развиена површина 89.627 метри квадратни.

Проектирање се состои во 3 фази. Во првата фаза е планирано кула од 20 ката, во втората фаза е кула од 22 ката и во третата фаза зграда од 16 ката каде е предвиден и комерцијалниот простор покрај деловниот. Во двете кули има вкупно 400 стана што значи отприлика 1.200 жители.

Останува отворено прашањето до каде ќе се посегнува со реобликување на градот преку урбанизмот на сметка на комуналиите кога повеќе ќе нема државно земјиште за продавање, а со цел, за како што се милува да се каже, чекор по чекор враќање на сјајот на Скопје.

Сподели ја оваа статија