14 години пијаното е дел од животот на Ема Ананиевска

14 години пијаното е дел од животот на Ема Ананиевска.
Таа има 22 години, но уште како бебе целосно го изгубила видот.
Својот прв настап го има на 9 години.
Желбата за пијаното беше затоа што најверојатно тоа беше единствениот инструмент којшто имав претстава како изгледа. Затоа што сме имале и дома синтисајзер и ми било интересно отсекогаш нешто да свирам, да видам како тоа изгледа – Ема Ананиевска, пијанистка
Посетувала настава како редовен ученик во основно и средно училиште.
Сега ги завршува студиите на Факултетот за музичка уметност.
Во текот на образованието никогаш не добила соодветна литература за учење.
Јас сум успеала благодарение на упорноста на моите родители. Услови нема, за жал. Нема никаква брајова литература и тоа нешто што има во сојузот се чува само за училиштето „Димитар Влахов“. Нас, не сакаа да ни даваат книги од таму -Ема Ананиевска
Освен зад пијаното, успеси реди и зад говорницата.
Освои трето место на ораторската вечер што ја организира Универзитетот ФОН.
– Имав само 2-3 години кога првпат ги прашав моите: „Зошто сите гледате, а мене не ме научивте да гледам?“ Се збунија, не знаеја што да ми одговорат. Јас се збунив уште повеќе. Зошто се чудите? Ви поставив едноставно прашање. Тие ми велеа: „Тоа што не гледаш, не е пречка да бидеш човек.“ – Ема Ананиевска.
Во емотивниот говор вели дека води секојдневна борба со себеси и со околината.
– Сакав на некој начин да допрам до маргинализираните заедници коишто се чувствуваат дека не вредат. Затоа што јас сум се чувствувала, без оглед на сите луѓе коишто се околу мене и целата поддршка што ја добивам од семејството и од најблиските, јас сум имала многу периоди во животот кога сум се чувствувала осамено и можам да ви кажам дека многу е лошо чувството кога знаеш дека имаш многу луѓе околу себе, а се чувствуваш празно – Ема Ананиевска.
И покрај сѐ Ема е среќна во својот свет.
– Бидете тоа што сте, така ќе бидете многу поприфатени од околината – Ема Ананиевска.

14 години пијаното е дел од животот на Ема Ананиевска

Add comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.