Интервју - Дамјан Николовски

Сè уште се случува да добијам прашања: „А како изгледаат луѓето што имаат дислексија? Нели нив им треба постојан помошник во животот? Како да се справат со таа болест?“ Никој не може да разбере дека тоа не е болест, дека е состојба којашто апсолутно не е ништо страшно.

Дамјан Николовски е еден од оние кои живеат со дислексија

Дислексијата е збир на тешкотии што се појавуваат во читањето, пишувањето, ориентацијата, разбирањето на текстот, фонологијата и обработката на зборовите

Не е болест и не се лечи, но соодветна работа со стручни лица може да ја ублажат

Овие проблеми некогаш погрешно се интерпретираат како мрзеливост или неинтелигенција

Јас, особено во основно училиште, не знаејќи дека имам дислексија секогаш бев третиран од страна на наставниците како премногу интелигентно, ама премногу мрзеливо дете. Е сега, кога на дете му кажуваш нонстоп дека е мрзелив, веројатно и останува во глава и сум се помирил едноставно со тоа. А сум применувал најразлични стратегии, различни во основно, различно на факултет, за да се справам со тие тешкотии.

Во вкупно 16 средни училишта во 8 региони во државава, 12.2% од средношколците имаат дислексија

Образовните програми не се прилагодени за учениците со дислексија, а во училиштата нема ефикасен систем за детекција на овие проблеми

Министерството за образование е должно да создаде систем за инклузија на децата со посебни образовни потреби во редовните училишта

Извор: Националната стратегија за деинституционализација на системот на социјалната заштита во Република Македонија (2008 – 2018)

Нашиот образовен систем не е баш прилагоден кон оние што се различни. Наставниците се неинформирани за состојбата, навистина немаат информации, не по нивна вина, едноставно тоа не го изучувале во текот на своите студии. Целиот таков однос, создава дислексијата да биде и непрепознаена, односно, образовниот процес да ги претвора од натпросечни интелигентни, во ученици со посебни потреби или ученици којшто се мрзеливи.

Во нашата држава има само четири лиценцирани тренери за дислексија, бројка која е далеку од доволна

Програмите коишто се наменети за дислексија, се навистина скапи и ги нема во нашата држава. Секој којшто сака да се образува на оваа тема, треба да оди во странство. Коешто чини навистина многу пари. Потребно е, пак ќе кажам, државата да се вклучи во сето тоа. Во светот, не секаде има има премногу тренери лиценцирани за дислексија. Меѓутоа, во училиштата постојат инклузивни тимови, односно, тимови на: наставник, педагог и психолог. Коишто имаат посетувано обуки за дислексија и коишто можат да ја детектираат дислексијата. Доволно е во училиштето или за почеток нека биде на општинско ниво, да има по тројца барем коишто ќе бидат обучени за дислексија и коишто ќе можат да ја прават детекцијата на истата.

Нејзиното детектирање од најмала возраст би овозможило побрзо надминување на тешкотиите во животот

Пред сè, воведување на предмет „Дислексија“ на Педагошкиот факултет е од најголемо значење. Затоа што, наставникот е тој што прв треба да ја процени дислексијата, да ја открие. А наставниците не го учат тоа. Така што, тука треба да има поголема ангажираност и од самиот Универзитет, меѓутоа и од Министерството за образование и наука. Како прв чекор којшто би требало да се направи.

Во нашата држава, за првпат ќе се воведе асистивна технологија за дислексичарите

Подготвен е кириличен фонт и плагин за дислексија

Фонтот всушност е специјално дизајниран, којшто ќе овозможи учениците со дислексија да читаат со помалку грешки, да прават помалку грешки. Истиот има поголем проред за да не им доаѓа голема конфузија додека читаат. А плагинот е базиран врз основа на фонтот, истиот ја трансформира секоја веб страна во дислексија френдли (пријателска). Односно, текстот го претвора во соодветниот фонт, има можност за зумирање на текстот, можност за менување на бојата на позадината на текстот. Оние бои кои се дислексија френдли (пријателски) бои.

Лицата со дислексија ги нема во ниту еден законски или подзаконски акт, тие се правно невидливи

Во однос на законите за дислексијата, можам да кажам слободно дека дислексичарите за властите се тотално невидливи. Иако, се работи за бројка од 12%, во законите не постои како состојба и не се презема ништо од страна на властите. Дали е тоа Министерството за образование или Бирото за развој на образованието. Има некоја тенденцијата којашто ги спојуваат учениците со дислексија, со децата со посебни потреби, што е апсолутно погрешно и е враќање години, години наназад според светските практики.

На дислексичарите им е потребна системска поддршка и разбирање

Интересно за дислексичарите, тоа што секој дислексичар си гради несвесно за својата состојба, си гради најразлични одбранбени стратегии, стратегии со коишто се справува во животот. Возрасните лица што имаат дислексија, најголемиот дел, не се свесни дека имаат некаков проблем. Е сега, важен факт е тоа, психолошката состојба на лицата со дислексија. Затоа што, оваа состојба создава кај луѓето многу големи фрустрации, високо ниво на анксиозност, коешто оди понатака во животот. Тие фрустрации остануваат кај овие лица и многу е важна психолошката поддршка во овие случаеви.

Интервју – Дамјан Николовски

Add comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.