Поделбата на власта е темелот на секоја демократија. И во Македонија никој нема апсолутна власт.

Поделбата на власта е темелот на секоја демократија. И во Македонија никој, според Уставот и законите, нема апсолутна власт.

Кога ќе се спомене власт во Македонија најчесто тоа асоцира на Владата. Но таа како и Собранието се само дел од мозаикот наречен власт.

За добро владеење власта е поделена на законодавна, извршна и судска. Тоа се трите столба на демократијата. Секоја од нив треба да биде силен, но и фер, за да се осигура добро владеење.

Во унитарна Македонија меѓународната политика ја води централната власт, постојат единствени вооружени сили, единствен судски систем, единствен економски систем и валута.

Секоја од трите власти има специфични цели и задачи. Покрај извршувањето на своите задачи има и моќ да ја контролира другата. Целта е да се спречи некоја од властите да ја злоупотреби моќта.

Така, моќта односно власта е поделена, а не концентрирана во рацете на еден или на група луѓе.

Законодавната власт, односно Собранието, ги носи законите и пропишува како ќе се регулира одредена област од општественото живеење. Собранието ја избира извршната власт која пак одговара пред него.

Собранието го носи и менува Уставот, ги утврдува јавните давачки, буџетот, ратификува меѓународни договори, одлучува за војна и мир, за менување на државните граници, за стапување и истапување од сојуз со други држави.

Пратениците би требало да се сервис на граѓаните, а не на својата партија. Во пракса многу често се случува спротивното.

Вториот столб е извршната власт односно Владата. Премиерот и министрите ја утврдуваат економската и развојната политика. Ги спроведуваат законите и политиките кои ги носи Собранието. Во пракса најчесто владата си зема повеќе моќ од пропишаното.

Проблемите настануваат кога Владата излегува од својот двор за да погледне во туѓиот обидувајќи се да изврши преголема контрола врз другите две власти – законодавната и судската. Ако Владата почне да се меша во избирот на судии, тогаш целата независност на судството паѓа во вода.

За да се спречи тоа Собранието може да и изгласа недоверба на Владата. Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници. Собранието може да побара интерпелација за работата на секој носител на јавна функција.

Поделбата на власта значи дека Владата иако има голема моќ сепак таа не е неограничена.

Третиот столб на власта се судовите. Тие треба да се автономни и независни. Судовите треба да судат врз основа на Уставот и законите. Судиите не смеат да бидат членови на политички партии. Вагата на правдата не смее да мери според партиските бои и симболи туку според словото на законот.

Во ниту еден случај, судската власт не смее да подлегнува под притисоците од политичките актери во државата, бидејќи во спротивно доаѓа само до девалвација на улогата на судиите во рамките на општеството.

Ако било кој дел од мозаикот наречен власт се измести, се нарушува функционирањето на целината.

За демократијата да може успешно да опстојува на здрави нозе потребно е темелите да бидат здрави – поточно независни. Ако не се, демократијата ќе се урне како кула од карти.

Поделбата на власта е темелот на секоја демократија. И во Македонија никој нема апсолутна власт.

Add comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.