Локалните избори во заложништво на политичката криза

Во старо време, кога градовите биле држави, немало разлика меѓу централната и локалната власт.

Денес, кога државите се поголеми, нема добро владеење без децентрализација.

Тоа е процес во кој овластувањата се пренесуваат од државно на локално ниво.

Децентрализацијата може да биде политичка, административна и финансиска.

Зошто постои? Едноставно е – централната власт не може успешно да решава локални проблеми.

Македонија има 80 општини, плус Град Скопје кој функционира како посебна единица.

Секоја општината има грб и знаме, администрација, надлежности и најважно – буџет.

Главни sе градоначалникот и Советот. Градоначалникот е еден, а советници може да има од 9 до 33, зависно од бројот на жители.

Најголема општина е Куманово (105.484 жители во анимација), а најмала – Вевчани (2.433 жители-во анимација).

Што работи локалната власт?

Централната власт бере гајле за безбедност на државата, развој на економијата и за дипломатијата, а локалните власти решаваат комунални проблеми.

Ако имате проблеми со водоснабдувањето, хигиената или други комунални прашања -одговорна е локалната власт.

Кога ве мачат проблеми со јавното осветлување или локалниот превоз – ним треба да им се обратите.

За да можат да решат каков било проблем локалните власти треба да имаат пари.
Без фискалната децентрализација нема самостојна локална власт.

Таа е еден од приоритетите од Пристапното партнерство на Македонија со ЕУ.

Без неа едноставно нема нормален демократски развој на локално ниво.

Општините собираат пари од локални даноци, локални такси, казни… Добиваат пари и од централно ниво, а можат и да се задолжат за покрупни проекти.

Со парите прават нови улици, ги поправаат старите, градат водоводна и канализациска мрежа, плаќаат плати за локална администрација.

Град Скопје и другите 80 општини лани потрошиле 735 милиони евра.

Од нив најмногу за плати (248 милиони евра во анимација) и за инвестиции (254 милиони евра во анимација).

Има огромни разлики како ги трошат општините своите пари.

По глава на жител најмногу (889 евра во анимација) за инвестиции троши општина Новаци, која има и најголем буџет по глава на жител – 1.440 евра.

Најсиромаша општина со буџет од 139 евра по глава на жител е Арачиново. Оваа општина одвојува само 12 евра за инвестиции по жител, додека е рекордер со 61 отсто од буџетот потрошен за плати.

Дури 41 општина одвојува помалку од 100 евра по глава на жител за инвестиции вклучувајќи ги и Град Скопје, Битола, Струмица, Прилеп, Штип, Аеродром, Куманово…

Проблемите со фискалната децентрализација ги чувствува секој граѓанин кога со возилото ќе пропадне во дупка на патот, кога нема да има место во градинка за детето или пак кога нема да работи уличното осветлување.

А ризикот е уште поголем посебно кога станува збор за противпожарна заштита или за социјална и здравствена заштита.

Од 22 март градоначалниците ќе бидат развластени, а одржувањето на локалните избори останува во заложништво на политичката криза.

Локалните избори во заложништво на политичката криза

Add comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.